НОВА СЛИКА ВО ЦЕНТАРОТ НА РАДОВИШ: ЈП „Плаваја“ постави нови контејнери на улицата „Ана Поцкова“, на потег се граѓаните
РАДОВИШ, 17 јуни 2026 – Улицата „Ана Поцкова“, која се наоѓа на само педесетина метри од строгиот центар на Радовиш, со години беше пример за комунален неред во градот. Жителите и возачите секојдневно реагираа на грдата слика која ја пречекуваше секој што ќе поминеше низ овој дел од градот, денеска се спроведе конкретна акција на терен.
Досегашната слика на оваа фреквентна улица беше прилично хаотична. Искршените и дотраени контејнери почесто стоеа на самата улица отколку на тротоарот, со што директно го попречуваа сообраќајот и создаваа секојдневен метеж и опасност за возачите и пешаците.
ЈП „Плаваја“ – денес постави нови контењери
По реакциите на граѓаните, екипите на ЈП „Плаваја“ денеска поставија целосно нови контејнери. Овојпат, тие се уредно сместени во веќе постоечката вдлабнатина покрај коловозот, со што улицата е ослободена за нормално одвивање на сообраќајот.
Предлог до надлежните: За да биде просторот уште пофункционален и поуреден, соодветно би било овој дел (вдлабнатината) дополнително да се бетонира, со што би се олеснило чистењето и одржувањето на хигиената околу садовите за отпад.
Дали новите контејнери значат и повисока еколошка свест?
Иако проблемот со инфраструктурата и искршените контејнери е решен од страна на јавното претпријатие ЈП Плаваја, сепак останува отворено главното прашање: Дали граѓаните и понатаму ќе го фрлаат отпадот околу контејнерите?
За да се задржи оваа нова, убава слика во центарот на градот, повеќе од очигледно е дека е потребно и свеста на самите граѓани да се подигне на многу повисоко ниво. Одржувањето на чиста и здрава животна средина е заедничка одговорност – институциите го направија својот чекор, сега на потег се радивишани да покажат култура и да ја чуваат околината.
,,ПРЕД И ПО“
Погледнете ја разликата „пред и по“ интервенцијата: упатуваме апел до совеста на граѓаните да ја одржуваат хигиената околу новите контејнери, бидејќи само од нашата грижа зависи дали центарот на Радовиш ќе остане чист како денес.“