Започна реализацијата на проектот за заштита и ревитализација на локалитетот РИМСКИ ТЕРМИ во Банско, Општина струмица
Денеска во Банско официјално започнаа работните активности од проектот Римски терми Банско, кој се реализира во рамки на Програмата Интерег VI-А ИПА програмата за прекугранична соработка со Република Грција. По тој повод на настанот покрај градоначалникот Петар Јанков беа присутни и Министерот за локална самоуправа, Златко Перински и Министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, заедно со директорот на НУ Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј – Струмица, Бранко Георгиев, Горан Бошков, претставник на CISS Палермо од Скопје и претставници на партнерските организации и институции вклучени во реализацијата на проектот.
Преку
проектот ќе се реализираат активности за заштита и ревитализација на
локалитетот Римски терми – Банско, изградба на потпорни ѕидови, поставување
туристички инфо-пункт со поставување фотоволтаичен систем, уредување на
пристапните патеки за посетители и современа кровна конструкција за заштита на
археолошките остатоци. Сето тоа во заедничка прекугранична културно-туристичка
рута, која ќе биде поддржана со дигитални содржини, промотивни активности и
современи решенија за презентација на културното наследство.
Проектот е со вкупна вредност од 1.382.043 евра и се реализира во период од 24 месеци. Вредноста на активностите што ги спроведуваат македонските партнери изнесува 451.603 евра, додека Министерството за локална самоуправа обезбедува национално кофинансирање во износ од 90.321 евра.
Министерот за локална самоуправа Златко Перински истакна дека проектот претставува уште еден успешен пример за тоа како европските фондови можат да придонесат за локален развој, подобрување на туристичката понуда и валоризација на културното наследство.
„Прекуграничната соработка не значи само финансиска поддршка. Таа создава можности за нови инвестиции, размена на искуства и реализација на проекти кои носат конкретни придобивки за граѓаните. Во поширок контекст, проектот е дел од првиот повик на Програмата Интерег VI-А ИПА со Грција, во чии рамки беа одобрени вкупно 19 проекти со буџет од над 18 милиони евра. Во нив учествуваат 36 корисници од нашата држава, со вкупна вредност на проектите од 8,6 милиони евра. “, изјави Перински.
Тој посочи дека Струмица е една од општините во кои во континуитет последнава година се реализираат значајни проекти со поддршка од домашни и европски извори на финансирање.
„Ме радува што во изминатиот период почесто сум во Струмица поради реализација на различни развојни и инфраструктурни проекти. Искрено посакувам тоа да продолжи и во иднина, бидејќи секоја нова посета значи нова инвестиција, нов проект и нова придобивка за граѓаните. Покрај поддршката преку европските програми, преку двата јавни повика за инфраструктурни проекти Општина Струмица доби поддршка за 12 проекти во вкупна вредност од 335.482.797 денари“, нагласи Перински.
Министерот за култура и туризам, Зоран Љутков истакна дека со проектот започнува нова фаза во заштитата и туристичката валоризација на еден од најзначајните археолошки локалитети во државата.
„Подготвени се сите потребни документи и дозволи, завршени се јавните набавки и започнува реализацијата на градежните активности. Проектот се реализира во партнерство со институции и организации од Северна Македонија и Грција, што е уште еден пример за значењето на прекуграничната соработка. Нашата цел е културното наследство да биде зачувано, но и ставено во функција на развојот – преку културниот туризам, нови можности за локалната заедница и поголема афирмација на богатото наследство на нашата држава“, изјави Љутков.
Проектот „CulTour Crossing Borders“ ги поврзува локалитетите Антички Европос во Килкис, Дојранското Езеро и Римските терми во Банско во заедничка прекугранична културно-туристичка рута, која ќе биде поддржана со дигитални содржини, промотивни активности и современи решенија за презентација на културното наследство.