Обилни дождови предизвикаа поплави во Касторија и Несторио, Грција
Поплави во Касторија и Несторио – Поради обилни врнежи, реката Алијакмонас се излеа и предизвика големи штети на инфраструктурата. Поплавени се делови од познатата локација каде се одржува „River Party“ фестивал, оштетени се камени парапети и неколку објекти
Силни и постојани врнежи од дожд предизвикаа големи поплави во регионалната единица Касторија, на северозапад од Грција. Најпогодени се селата Грамос, Несторио, Птелеа и околните населби, откако реката Алијакмонас излезе од своето корито.
Според државната телевизија ЕРТ, повеќе овчари заедно со нивните стада останале заробени во непристапни предели поради надојдените води. Противпожарната служба и локалните власти испратиле екипи за нивно спасување.
Поплавите предизвикале сериозни оштетувања на мостови, улици и земјоделски посеви, а водоводната мрежа е загадена. Поради тоа, снабдувањето со вода е прекинато во одредени делови, додека жителите во други населби се предупредени да не ја користат чешмата за пиење до понатамошно известување.
„Ова не е обична поплава на Алијакмонас. Веќе повеќе од три децении не сум видел нешто вакво. Количината вода што се излеа по тридневните врнежи беше огромна,“ изјави градоначалникот на Несторио, Христос Голсиопулос, за ЕРТ, опишувајќи „широка штета и уништување“.