И покрај незадоволството и протестите на локалното население, грчката конзервативна влада поднесе итен амандман во Парламентот за изнајмување поранешна фабрика во близина на Ираклио, која треба да се пренамени во Нов центар за прифаќање мигранти. Објектот во Атанати ќе се изнајмува најмалку една година со месечна закупнина од 13.500 евра, што ќе биде втор ваков камп на островот по оној кај Ханија. Додека властите го оправдуваат потегот со итноста на ситуацијата, опозицијата и граѓаните реагираат дека објектот е несоодветен, а киријата е превисока.
Одлуката доаѓа во момент кога Крит се соочува со огромен миграциски бран и станува главна влезна точка кон ЕУ. Само во изминатите 24 часа беа регистрирани речиси 1.000 нови пристигнувања, додека од почетокот на годинава над 19.000 луѓе преку Средоземното Море преминаа од источна Либија. Со речиси 33.000 пристигнати мигранти од 1 јануари, Грција го држи рекордот во Европската Унија.
Состојбата на теренот е драматична — стотици луѓе се привремено сместени на отворено кај Иерапетра, додека Бреговата стража постојано пронаоѓа нови групи, вклучително и 60 лица откриени на островот Хриси. Во меѓувреме, Атина преговара со Германија, Холандија, Данска и Австрија за формирање центри за враќање надвор од ЕУ за одбиените баратели на азил, а истовремено бара поддршка за привремено замрзнување на процедурите за азил за време на вакви вонредни бранови. Овие иницијативи наидоа на жестоки критики од организациите за заштита на човековите права.
Извор: Медиуми