„ВМРО-ДПМНЕ Албанија“- во Тирана отворена нова канцеларија на Македонско здружение
Отворање на канцеларија на Македонско здружение – Во Тирана беше отворена нова канцеларија на здружението, настан што привлече внимание кај македонската заедница таму
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ и премиер Христијан Мицкоски, заедно со генералниот секретар Ѓоргија Сајкоски и претседателката на Унијата на жени Жаклина Пешевска, денеска во Тирана присуствуваа на отворањето на новата канцеларија на Македонското здружение „ВМРО-ДПМНЕ Албанија“. Настанот се одржа на покана на здружението и собра голем број Македонци од Албанија.
Во своето обраќање, Мицкоски ја истакна важноста Македонците во Албанија да имаат сопствен клуб – место за здружување и слободно негување на културата, јазикот, идентитетот и традицијата. Тој направи споредба со Македонците во Пиринскиот дел на Бугарија, кои, како што рече, и денес се спречени да регистрираат здружение и да зборуваат за својот идентитет.
„Ние сме вредни, трпеливи и умни, и уверен сум дека ќе ја постигнеме нашата цел,“ порача Мицкоски. Тој додаде дека е особено импресиониран од тоа што македонскиот јазик во Албанија се негува и чува, што е доказ за вековниот македонски корен и идентитет.
На присутните им пренесе порака дека македонската држава ќе остане столб за сите Македонци ширум светот – нивна татковина која со отворени раце ги чека да се вратат и да бидат заедно со народот во Македонија.