Митровден (народно: Митроен) — голем христијански празник посветен на светиот великомаченик Димитриј Солунски, кој се празнува на 8 ноември. Празникот се слави низ целиот Балкански Полуостров.
Традиционално, Митровден го означува почетокот на студеното време, односно зимата. Во минатото, на овој ден се завршувале сезонските договори, па така се најмувале полјаци, протуѓери, кметови и други, кои обично служеле до Ѓурѓовден.
Свети Димитриј Солунски — великомаченик од III век, роден и живеел во градот Солун. Бил син на градоначалникот, кој долго време немал деца, но по долги молитви добил син и го воспитувал според христијанските начела.
По смртта на татко му, Димитриј бил назначен за градоначалник на Солун. Во тоа време, христијанството сè уште не било признато како официјална религија, па царот го советувал да постапува строго кон христијаните. Сепак, Димитриј ги подучувал верниците како да се заштитат од паганските влијанија.
Кога царот дознал за неговото однесување, лично дошол да се увери во вистината. Димитриј не само што не ја сокрил својата вера, туку и јавно ја осудил паганската религија, поради што бил затворен.
Со неговото име се поврзуваат бројни чуда, особено оние што се однесуваат на заштитата на Солун од напади. Поради тоа, Свети Димитриј се почитува како заштитник на градот Солун.
Славење на Митровден
Освен традиционалниот обичај на носење леб и вино во црква, каде што лебот се осветува, Митровден се одбележува и во семејна атмосфера. За овој празник не се врзани специфични обичаи или обреди.
Вечерта пред празникот се организира „заслуг“ (од заслужување) или „кана“ (од канење), при што блиските се канат со лепче или со некој симболичен предмет. На самиот ден се приредува свечен ручек со мрсни јадења, освен ако празникот се совпадне со ден за пост.
Посетите продолжуваат и следниот ден, претпладне, кога се оди на гости кај славениците. Инаку, сите што го носат името Димитар, Димитрија, Диме, Митре или некоја негова варијанта, го прославуваат својот именден токму на овој ден, обично со вечерна прослава.
Народни обичаи за Митровден
Според народната традиција, на Митровден се наложува да се остане дома. Се верувало дека оној што на овој ден не е во својот дом, цела година ќе биде по туѓи куќи и ќе преспива надвор од својот дом.
Постои и верување дека сите големи работи, особено оние на поле или надворешни обврски, мора да се завршат до вечерта пред празникот. Се сметало дека по Митровден времето станува „лажливо“ — зимата може ненадејно да настапи, па затоа се верувало дека е несреќа ако нешто се одложи за по празникот.
Митровден се сметал и за ден кога се претскажува каква ќе биде зимата. Ако денот бил сончев, се верувало дека следува блага зима со малку студени денови. Ако, пак, паднел снег, се верувало дека ќе се задржи до април.
Во некои краишта постоело и верување дека на Митровден не треба да се прекоруваат децата, без разлика колку и да згрешиле или биле непослушни, бидејќи се верувало дека така ќе бидат непослушни цела година.