Градоначалникот на Општина Струмица Костадин Костадинов предлага дополнително зголемување на платата на општинската администрација од 20% со измени во Колективниот договор, а платата на секој пожарникар да изнесува најмалку 80.000 денари, плус храна, прекувремена работа и сите права што ги следуваат.
„Знам колку е тешко да се работи под притисок, со стотици обврски дневно и со желба да се излезе во пресрет на секој граѓанин. Токму затоа, предлагам на синдикатот да ги разгледа опциите – покрај веќе предвиденото зголемување на платите за 8%, да се направат измени во Колективниот договор и платата во септември да се зголеми за дополнителни 20% за сите вработени во општинската администрација“ вели Костадинов во објава на својот ФБ профил.
Костадинов додава дека само мотивирана администрација значи ефикасна и човечка локална власт.
„Дополнително, работиме и на посебен предлог за нашите пожарникари-спасители – луѓето што ги ризикуваат животите за нашата безбедност.Купивме нови теренски возила, опрема, камиони, ги ослободивме од паркинг и јавен превоз, но мораме уште .Во моментов ги разгледувам сите правни и буџетски можности платата на секој пожарникар да изнесува најмалку 80.000 денари, плус храна, прекувремена работа и сите права што ги следуваат. Ова можеби не е сè – но е најмалку што можеме да направиме за да им ја вратиме честа на оние кои вложуваат енергија, професионализам и живот за Струмица. Ако правно се покаже возможно, веќе од септември ќе почнеме со реализација.Само со мотивиран тим, Струмица ќе биде уште поуспешна.За мене зборот е збор!“ стои во објавата на Костадинов