„Радовишката ликовна колонија“ збогатена со изложба на слики на тема СООЧУВАЊЕ од уметникот Томе Даневски
Со изложба на слики на тема СООЧУВАЊЕ од уметникот Томе
Даневски, вчера во Радовиш започна деветтата Меѓународна ликовна колонија која
ја организира ДЛУР- Рада од Радовиш. Во присуство на повеќе поканети гости и
уметници кои се дел од ликовната колонија, присутните ги поздрави претседателот
на ДЛУР Рада, Душан Коцев.
Темата и уметничкиот израз на изложбата требаше да го претстави проф. д-р Мимоза Рајл професор по естетика на визуелните форми специјализиран во Париз во областа на уметноста, но во нејзино отсуство нејзината рецензија насловена ARS SACRA за ликовното творештво на Томе Даневски го прочита професорката Гордана Здравкоска.
„Кога се работи за ликовната уметност и сликарството, не важи она правило дека сите патишта водат кон Рим. Некои значајни сликарски платна со страстно – дионизиска поетика каде што ни е претставен идеалот, не водат и во Радовиш. Да се наслика сакралното, невидливото, метафизичкото, воопшто не е едноставно. Убавината која светот го спасува како што велеше Достоевски, или пак дека уметноста постои за да не спаси од вистината, како што пишуваше Фридрих Ниче, е светот на сликите на кои што се потпишува нашиот познат ликовен уметник – Томе Даневски. Во сликарството на Даневски евидентен е божествениот принцип и таму човекот е прогласен за вечен“, стои во рецензијата насловена ARS SACRA за ликовното творештво на Томе Даневски на проф. д-р Мимоза Рајл .
Ликовната
колонија
ја отвори Градоначалникот општина Радовиш Ацо Ристов, посакувајќи им срдечно добредојде и пријатен престој на сите уметници во Радовиш.
„Изложбата во родниот град Радовиш ми буди посебно чувство“, рече уметникот Томе Даневски
Меѓународната ликовна колонија која ќе трае од 10 – 14 јуни, ќе се реализира на манастирскиот комплекс „Св.Георгија“ во Ораовица а на 14-ти Јуни е предвидено нејзино свечено затварање. На неа ќе учествуват 15 уметници од Македонија и странство. Целиот настан беше збогатен со прекрасни композиции отсвирени од ученичката Елена Конзулова.
ARS SACRA на Томе Даневски на проф. д-р Мимоза Рајл
Кога се работи за ликовната уметност и сликарството, не важи она правило дека сите патишта водат кон Рим. Некои значајни сликарски платна со страстно – дионизиска поетика каде што ни е претставен идеалот, не водат и во Радовиш. Да се наслика сакралното, невидливото, метафизичкото, воопшто не е едноставно. Убавината која светот го спасува како што велеше Достоевски, или пак дека уметноста постои за да не спаси од вистината, како што пишуваше Фридрих Ниче, е светот на сликите на кои што се потпишува нашиот познат ликовен уметник – Томе Даневски. За разлика од Клод Лорен во чија сликарска поетика постои еден инферален, лирски впечаток на помирување со смртната човекова природа, кај Даневски сликата е драматична, таа не му се поклонува на смртното, барајќи од нас да се нурнеме во себе, да го најдеме најдлабокиот наш архетип и да бидеме совршени како Таткото наш небесен. Во сликарството на Даневски евидентен е божествениот принцип и таму човекот е прогласен за вечен.
Вечноста е најважната тема која сликарството само по себе ја поставува, а Даневски со својот изразит талент недвосмислено ни ја соопштува. Така Даневски ни ја открива и најважната вистина за човекот, дека уште на земјата треба да се свртиме кон вертикалниот од кон Бога и да се спасиме. Доколку сликата на Даневски ја преведеме во зборови, во проза, тогаш тој ни порачува да погледнеме во светлината на сопствената душа и во таа убавина да останеме. Даневски од нас го бара преображението, а идеалот на совршенството да го прогласиме за единствена вистина и пат, патот на безусловната љубов, на непоколебливата вера во вечниот живот. Но Даневски ни вели дека тој пат е единствено можен преку рајските пространства на нашата анима, кои не водат директно во Дантеовото последно, не движечко, рајско небо, или пред олтарот на самиот Бог. Можеби секој талентиран и познат европски ликовен уметник, кој себе си се видел во сакралното, има потреба да го наслика Исус, како еден свој сопствен најдлабок архетип. Во таа смисла, помеѓу сликата на Христа кај Тицијан која се наоѓа во галеријата Цвингер во Дрезден и насликаниот Исус од страна на Ел Греко во Толеда, тешко наоѓаме допирни точки. Ел Греко ни ја соопштува тајната на најголемата духовна моќ на Исус врз светот, додека кај Тицијан Исус е насликан во големата сила со која тој нам ни ги открива фарисеите и нивните намери. На ист начин, може да се анализира претставувањето на мртвото тело на Исус од страна на Ханс Хојбајн, Исус во својата трансформација на Рафаело, Распнатиот Исус на Веласкез или пак најновото откриено дело каде што Леонардо да Винчи го слика Исус како “Salvator Mundi” односно, Спасител на светот.
Но кај Даневски, Исус е претставен во страдањата на овој свет, додека неговиот поглед е свртен кон небото. Синилото на неговите очи е прелеано во азурното небо, на некој друг посовршен свет од земскиот. Дали навистина како што ни велеше и Чехов, љубовта е неостварлива на земјата, а злото е непобедливо? Сакралното во уметноста на Даневски не е само обична тема. Тоа е нај речовит знак дека сме во допир со најдлабоката тајна што не опкружува во овој свет и како таму да сме надвор од секое човечко, емпириско постоење. Токму во таа уметност ние го препознаваме духовното како најголема сила. Уметноста на Даневски е едно видовито препознавање на нај внатрешното, како најмоќна, трансцедентална сигурност, меѓу земјата и небото. Нема да погрешиме ако на сакралното во уметноста, ставиме знак еднаквост со светото. Ван Гог еднаш рече дека е невозможно да гледаме во сликите на Рембрант без вера во Бога. А денес, за сакралното во сликарството на Даневски велиме дека е невозможно да гледаме во неговите ликовни остварувања, без притоа да не поверуваме во Бога.