Ќе има ли доволно вода во Мантово за успешна наводнувачка сезона? Апел до земјоделците за рационално користење на водата
Езерото Мантово иако со намален капацитет како никогаш досега поради лошата хидролошка состојба, сепак ќе ги исполни обврските за навадновање кон земјоделците во оваа наводнувачка сезона, ветуваат од „Радовишко поле“. Токму од тие причини раководителката на подружницата „Радовишко Поле“ Сања Ристова, апелира до земјоделците за совесно и економично користење на водата и нерастурање на истата непотребно посебно во населено место Воиславци каде како што рече има најголемо растурање на водата.
„Се наоѓаме во средината на сезоната за
наводнување и можеме да кажеме дека вода за наводнување има доволно, апелираме до
сите водокорисници за рационално и економично користење на водата и нерастурање
на истата непотребно, посебно до водокорисниците во село Воиславци, за да имаме
уште една успешна наводнувачка сезона“ стои во апелот од раководителката на подружницата
„Радовишко Поле“ Сања Ристова.
Поради лошата хидролошка
состојба, подружницата „Радовишко Поле“ е принудена да врши рестрикции во
користењето на водата, од каде се наводнуваат околу
500 хектари обработлива површина во Радовишко Поле и дел во Општина Конче. Како
што велат од подружницата имаат проблеми и со каналската мрежа долга 29
километри која е застарена и неисчистена, а недостасуваат и работници.
Иницијатива или прашање околу состојбата со водата во Езерото Мантово кое е видно намалено беше покренета и на седница на советот на Општина Радовиш. Советникот Дејан Вучковски рече дека и во месеците мај и јуни кога имаше врнежи и сите акумулации беа преполни само Мантово беше во опаѓање. Тој покренува иницијатива до надлежните да ја проверат состојбата на терен и притоа спомна дека освен за земјоделие и Рудникот Бучим троши вода од Мантово.
Градоначалникот Ацо Ристов рече дека како
општина имаат интерес за Мантово токму за развојот на земјоделието и за
реализација на проектот од ФАО, за обновување на мрежата за наводнување. Ристов
рече дека ќе побара информации од Рудникот Бучим и од подружницата „Радовишко
поле“ која стопанисува со Мантово.
Загриженост за состојбата на езерото
Мантово изразува и градоначалникот на Општина Конче Златко Ристов под чија управа
територијално спаѓа и целата акумулација кој рече дека
поднел барање до подружница Радовишко поле за да добие детални информации каква е состојбата.
Инаку вештачката акумулација Мантово е изградена во
1978 година на 15 километри од општините Радовиш и Конче и на
25 километри од Штип на површина од 4,5
квадратни километри со најголема длабочина од 40 метри.
Нејзината основна намена била да се наводнуваат земјоделските површина во Општина Радовиш и дел во Општина Конче, како и за технолошка вода за потребите на рудникот Бучим.