Во Германија се разговара за
зајакнување на АфД. Но, тоа не е изолиран случај, целата Европска унија се
врти надесно.
Шпанија беше
нешто како последниот бастион на левицата во Европската унија, но и таа падна
пред точно еден месец. На локалните и регионалните
избори во таа земја, владејачката левичарска алијанса на претседателот Педро
Санчез беше строго казнет. Тој освои само 28 отсто од гласовите, што е
процент помалку од претходно. Премиерот тогаш најави нови избори за 23
јули.
Победник во
Шпанија е конзервативната Народна партија ПП со освоени 31 отсто од гласовите и
нејзината нова надеж: Изабел Дијаз Ајусо од Мадрид. Во нејзините необични настапи таа го исмева феминизмот, родовата
еднаквост, заштитата на малцинствата, транс правата и заштитата на климата.
А десничарската екстремистичка
партија Вокс, со седум отсто освоени гласови (за четири отсто повеќе од претходно),
веројатно во иднина ќе биде вклучена во владата во многу општини и автономни
региони.
И не случајно меѓу првите им
честиташе Виктор Орбан. Тој е воодушевен што во Шпанија напредува
„десничарското повторно освојување“.
Унгарија: Орбан како „модел“ за
цела ЕУ
Унгарскиот премиер е пример за
оние кои ја придвижуваат Европската унија надесно. Тој во април минатата
година го обезбеди четвртиот последователен мандат, иако опозицијата излезе на
избори сплотена и сметаше на промена на власта.
Во 2014 година, Орбан и
неговата десничарска националистичка партија Фидес прогласија „нелиберална
демократија“ заснована на рускиот модел. Ксенофобичните тонови со години
се составен дел од програмата на неговата влада.
Орбан го оправда своето
одбивање да прифати бегалци со тоа што Унгарците „не сакаат да станат мешана
раса“ и дека мултикултурните западноевропски земји „повеќе не се нации“.
Франција: Лепен е подискретна
Веднаш по изборната победа на
Орбан пред една година, Марин Ле Пен побрза да и честита на
Будимпешта. Нејзината екстремно десничарска Национална партија на
парламентарните избори пред една година успеа да го зголеми бројот на пратеници
во парламентот од 577 на 89. Претходно, во 2017 година, освои само осум места.
Лепен е неуморна, сè подржавничка
и на тој начин продолжува со својот долгорочен проект – да се пресели во
Елисејската палата.
Следниот чекор кон таа цел би
бил победата на европските избори во 2024 година, каде последните два пати
освоила околу 24 отсто од гласовите. Таа цел веќе не изгледа недостижна,
бидејќи се повеќе Французи веќе десет години гласаат за екстремната десница.
Италија: Мелони и Мусолини
Ѓорѓа Мелони не мораше да чека
толку долго. Нејзината десничарска екстремистичка и фашистичка партија
„Италијански браќа“ се појави речиси од никаде и откако освои 26 отсто на
парламентарните избори во септември 2022 година, таа стана првата жена на чело
на владата на Италија.
Грбот на нејзината партија има
зелен, бел и црвен пламен. За италијанската десница тоа е симбол на
вечниот пламен на гробот на Мусолини.
И воопшто, овој Мусолини – тој
е „комплексна личност што мора да се гледа во контекст“, вели Мелони, жена која
својата политичка кариера ја започна во неофашистичка младинска организација.
Шведска: популисти, втора
најсилна сила
Џими Акесон, лидерот на
десничарските и популистички „Шведски демократи“, најпрво долго време се
занимаваше со политика, за подоцна да се сврти надесно. Во неговите
помлади години важеше за умерен политичар.
Денеска во стилот на Доналд
Трамп сака „да ја направи Шведска повторно голема“. На минатогодишните
парламентарни избори, партијата основана во 1988 година од членови на
десничарската екстремистичка сцена успеа да стане втората најсилна политичка
сила. За нив гласале 20,5 отсто од Швеѓаните.
А за Акесон, муслиманите се
„најголемата закана за Шведска од Втората светска војна“.
Финска: „Финците на прво место“
Оние кои долги години се
најуспешните популисти во Скандинавија, имаат имитатори долго време – на пример
во соседна Финска. Таму „Вистинските Финци“ освоија 20 отсто од гласовите
и влегоа во владата, во коалиција со уште три партии. Тие имаат седум места во
кабинетот, а лидерката Рика Пура е министер за финансии.
Таа жена која некогаш гласаше
за Зелените, сега сака да ја врати Финска на „вистинскиот пат“. Со
„промена на парадигмата“ во однос на мигрантите, квотата за бегалци треба да се
намали на 500.
Словачка: неонацисти во
парламентот
Во исто време, Рика Пура е
вистинска невина во споредба со Марјан Котлеб. Тој водач на
неофашистичката L’SNS е меѓу најрадикалните неонацисти во Словачка. Ова е
човек кој сака да го нарекуваат „фирер“ од неговите поддржувачи и поттикнува
атмосфера против Ромите, Евреите и хомосексуалците. Тој беше осуден на
условна казна во 2022 година за „промовирање на идеологија што ја загрозува
демократијата“ и мораше да се откаже од својот мандат во националниот
парламент.
Сепак, тоа не влијаеше на
успехот на неговата партија во минатото. На парламентарните избори во 2020
година, со освоени осум проценти од гласовите, таа обезбеди 17 мандати. На
вонредните избори на 30 септември неонацистичката партија смета на уште повеќе
гласови.
Грција: голема промена надесно
Во меѓувреме, конзервативниот
премиер Киријакиос Мицотакис победи на изборите во Грција оваа недела. Но,
резултатот може да се опише и вака: Грција врти надесно.
Десничарската популистичка
„Елиники Лиси“ (грчко решение), ултранационалистичката и ултра-религиозна
„Ники“ (Победа) и „Спартанците“, како наследници на неонацистичката партија „Златна
зора“, која беше забранета во 2020 година – вкупно со речиси 13 отсто од
гласовите влезе во грчкиот парламент.