Во март минималната плата ќе биде повисока за 2.000 денари односно се очекува да биде над 20 илјади денари, што е за 12 илјади повеќе од минималната плата во 2017 година, ова го соопшти министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска во ТВ гостување.
„Методологијата за пресметка на минимална плата, донесена во март 2022 година, е системско решение кое предвидува постојан раст на минималната плата. Решение кое нема да зависи од политичка волја, туку се усогласува со порастот на трошоците за живот и порастот на просечната плата. Во март секоја година, согласно оваа методологија ќе се усогласува минималната плата,“ рече Тренчевска.
Таа истакна дека во рамки на Економско социјалниот совет, во март ќе се разговара за минималната плата согласно податоците добиени од ДЗС.
„Очекуваме минималната плата да биде околу 20.200 денари. Тоа е околу 12-13% или за околу 2.000 денари повисока плата од 2022 година. А ако земаме наназад, кога минималната плата беше 9.000 денари, и тоа не во сите сектори, некои сектори исплаќаа и по 8.000 денари, сега во март ќе имаме плата над 20.000 денари, што е и повеќе од двојно. За 12.000 денари повисока минимална плата,“ посочи Тренчевска.
Таа истакна дека, исто така ке има покачување и на платите на сите вработени во државна администрација согласно Законот за административни службеници.
„Во март со покачувањето на минималната плата, сите вработени во државната администрација, кои земаат плата согласно Законот за административни службеници, ќе земат плата поголема за онолку проценти, колку што е разликата односно процентот на пораст на трошоци за живот и порастот на просечната плата,“ рече Тренчевска.