Практични и наменски новогодишни подароци за корисниците од Порака од собраните средства на ,,Радовишка етно софра,,
Корисниците на ДЦ Порака од Радовиш денеска беа израдувани со практични и наменски новогодишни подароци, подготвени од страна на организаторите на манифестацијата ,,Радовишка етно софра,, од собраните средства од хуманоста на жените кои беа присутни на настанот.
Невладината хуманитарна организација ,,Верица,, од Радовиш, со организација на традиционалната манифестација ,,Радовишка етно софра,, по повод 3 декември Меѓународниот ден на лица со попреченост, собраните средства годинава ги намени за корисниците на Дневниот центар Порака Радовиш и три деца кои останаа без родители.
„Благодарение на успешно реализираниот хуман настан и хуманоста на граѓаните денеска организаторите Верица Ефнушева Ценева и Сунчица Атанасова ги посетија корисниците на Дневниот центар и ги израдуваа со прекрасни новогодишни подароци кои со радост ќе си ги користат бидејќи се практични, наменски и со голема љубов и внимание подготвени. Ви благодариме“, вели Тања Костадинова раководител на дневниот центар Порака од Радовиш.
Инаку овој хуманитарен настан ,,Радовишка етно софра“, се организира по четврти пат со цел да се даде мал придонес и да се израдуваат корисниците на ДЦ Порака со мало внимание, во пресрет на новогодишните празници.
Околу 250 жени од Општина Радовиш се забавуваа но истовремено и беа хумани, со тоа што купуваа од подготвените специјалитети од богатата етно софра, а беа дел и од богатата лотарија.