Денеска се одбележува Европскиот ден на правдата 25 октомври, со отворени денови во судовите, средби со адвокатите, нотарите, извршителите, каде граѓаните одблиску имаа можност да се информираат и да добијат правни совети. Денеска се одбележува и две години од кампањата за подигање на свеста за бесплатна правна помош, која ја спроведува Министерството за правда за да им се овозможи на лицата кои живеат во сиромаштија да не им е ограничено уживањето и заштитата на нивните права.
За околу 200 проценти е зголемена бесплатната правна помош и за граѓаните од Општина Радовиш преку Подрачното одделение на Министерствот за правда во Радовиш, кое работи секој ден 7.30 до 15.30 часот во канцеларијата во општинската зграда.
Како што дознаваме од Даниела Свиркова дипломиран правник, виш соработник во Подрачното одделение во Радовиш, граѓаните бараат бесплатна правна помош по различни основи за имотно-правни спорови, должничко-доверителски односи, за прашања од пензиско и инвалидско осигурување, за застапување на жртви на семејно насилство, за остварување на социјална помош, за права на лицата со преченост, прашања поврзани со правата на детето, склучување и развод на брак, прашања поврзани со престанок на работниот однос, за спорови со осигурителни компании и за други потреби.
Законот предвидува давање на примарна и на секундарна правна помош, при што примарната предвидува запознавање со правата и обврските, советување и состав на едноставни обрасци во управна постапка, преставки до народен правобранител и Комисија за заштита од дискриминација како и состав на брања за заштита на слободи и права пред Уставен суд. Додека секундарната обезбедува стручна правна помош од адвокати, ослободување на корисникот од судски, и административни такси и други трошоци.
Министерот за правда Никола Тупанчески во своето обраќање по повод Европскиот ден на правдата и две години од одбележувањето на кампањата за подигање на свеста за бесплатна правна помош рече дека за 299% е зголемен бројот на граѓани кои примиле примарна правна помош а за секундарна за 125% во споредба со 2019 година.