Connect with us

Гевгелија

Тренчевска при посетата на Гевгелија оствари повеќе средби, со пензионерите, со вработени во детската градинка и во ЦСР

Avatar

Published

на

Министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска беше во посета на Општина Гевгелија, оствари средба со пензионерите на оваа општина, ги посети вработените и децата од ЈОУДГ „ Детска радост“,  Центарот на социјална работа и домот на корисници на права и услуги од системот на социјална заштита.

Тема на средбата со пензионерите беше унапредувањето на животниот стандард на оваа ранлива категорија на граѓани, преку воведувањето на новата методологија за раст на пензиите, со која усогласувањето на пензиите се врши според движењето на индексот на трошоците на животот во висина од 50% и порастот на просечно исплатената плата на сите вработени во Република Македонија во висина од 50%. Пензиите и понатаму ќе се усогласуваат два пати годишно, и тоа на 1 март и на 1 септември секоја година.

„Со пензијата во месец септември пензионерите ќе имаат дополнително околу 8% до 10% плус на својата сметка, што претставува  рекордно зголемување на пензиите во историјата на државата. Со ваквиот начин на  усогласувањето на пензијата и со директната финансиска помош која беше предвидена за месец април, мај и јуни во 2022 година, за 12 месеци, во просек пензионерите ќе имаат вкупно годишно околу 12.000 денари плус во буџетот во однос на 2021 година, рече министерката Тренчевска во разговор со пензионерите.

Тренчевска ги посети вработените и децата од ЈОУДГ „Детска Радост“, при што присуствуваше и на музичка точка подготвена од децата на оваа градинка. Во склоп на ЈОУДГ „Детска Радост“ , во тек е постапка за доградба на детската градинка „Сончогледи“, со површина од 1150м2, која ќе обезбеди опфат на нови 135 деца од предучилишна возраст. Почетокот на градежните работи се очекува да бидат означени најдоцна до крајот на годинава.

За социјалните права и услуги од системот на социјална заштита, министерката разговараше со вработените во Центарот за социјални работи-Гевгелија, кои информираа дека на ниво на општина во моментов има 248 корисници на Гарантирана минимална помош, 1254 корисници на услугата помош и нега од друго лице, право на попреченост користат 168 лица, 18 корисници на Дневен центар на лица со попреченост, како и дека непречено тече исплатата на останатите социјални права.

Министерката го посети и домот на Фанка Динева, лице корисник на лична асистенција, право на нега од друго лице и право на мобилност. Додека нејзиниот партнер Јонче е корисник на личен асистент. На средбата изразија задоволство од поддршката која ја обезбедува државата за лицата со попреченост

„Реформата во социјалната заштита донесе бројни придобивки за граѓаните на кои помошта им е неопходна. Од раст на паричните права до проширување на лепезата на социјални услуги. Грижата за ранливите категории на граѓани е приоритет и одговорност на Министерството за труд и социјална политика. Затоа во континуитет вложуваме во унапредување на нивните права и воведување на нови социјални услуги“, порача Тренчевска.

Министерката оствари средба и со градоначлникот на Општина Гевгелија Андон Сарамандов.

Гевгелија

На Граничен премин Богородица фатени 387 штеки различни видови цигари и тутун

Avatar

Published

на

Ноќва (14.09.2023) во 01.20 часот на Граничен премин Богородица, полициски службеници од Полициската станица за граничен премин и граничен надзор Богородица го лишиле од слобода Н.М. од Гевгелија, информира МВР.

При преглед во патничкото возило „пежо“ со скопски регистарски ознаки, кое го управувал, биле пронајдени и одземени 387 штеки различни видови цигари и 1250 грама тутун, за кои не поседувал никаква документација.

Лицето било задржано во полициска станица и за настанот бил известен јавен обвинител. По целосно документирање на случајот против него ќе биде поднесена соодветна пријава.

Прочитај повеќе

Гевгелија

Приведен бегалец од затвор, вратен во Затвор Идризово

Avatar

Published

на

На 23.08.2023 околу 18.00 часот на подрачје на Гевгелија, полициски службеници од Секторот за меѓународна полициска соработка – Отсек потраги го лишиле од слобода И.К.(39) од с.Моин, гевгелиско.

Тој бил осуден на казна затвор од шест години за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори“ по член 215 од Кривичниот законик, а бил баран по централна потерница врз основа на наредба од Казнено – поправната установа Затвор Идризово поради бегство од затворот, каде што имал за доиздржување скоро четири години од казната. Лицето било спроведено во казнено – поправната установа за доиздржување на казната.

Прочитај повеќе

Гевгелија

Позитивно решени над 5.300 барања за утврдување правен статус на бесправно изградени објекти во Општина Гевгелија

Avatar

Published

на

На последната 29. седница, пред Советот на Општина Гевгелија се најде Информација за состојбата со постапување по барањата за утврдување правен статус на бесправно- изградени објекти во општина Гевгелија за периодот 4 март 2011 година – 30 јуни 2023 година. Според приложената информација, во Одделението за урбанизам, архитектура, градежништво и заштита на животна средина, заклучно со 2018 година, биле доставени 5.842 барања од граѓани за утврдување правен статус на бесправно- изградени објекти.

Согласно објавените Правилници за стандарди за вклопување на бесправни објекти во урбанистичко- планската документација, како и објавените Правилници за формата и содржината на Записникот за извршен увид, формата и содржината на урбанистичката согласност и формата и содржината на Решението за утврдување правен статус на бесправен објект објавени во „Службен весник на Република Македонија“, од страна на Одделението за урбанизам, архитектура, градежништво и заштита на животната средина се пристапило кон разгледување и решавање на овие барања. Од вкупно поднесените 5842 барања за утврдување правен статус на бесправно- изградени објкети, 5.390 се позитивно решени, а 452 барања се во постапка на решавање. Законскиот рок за постапувања по барањата е до 3 март 2026 година.

Прочитај повеќе