Денеска во Струмица се одржа првата (конститутивна) седница на Советот за развој на Југоисточниот плански регион на којашто беа верификувани мандатите на новоизбраните градоначалници на десетте општини избрани на локалните избори коишто се одржаа минатиот месец.
На денешната конститутивна, Андон Сарамандов, градоначалник на Општина Гевгелија, беше избран за нов претседател на Советот. Одлуката беше едногласно донесена од страна на сите членови на Советот за развој на ЈИПР, во кој членуваат Градоначалниците на десетте општини кои влегуваат во Југоисточниот плански регион. На тој начин ја изразија довербата Сарамандов во наредните 12 месеци да раководи со Советот за развој и да ги координира активностите на ова тело кое носи одлуки, дава предлози и расправа за сите актуелни прашања од интерес на сите општини, кои се дел од Југоисточниот плански регион.
На седницата беше присутна и Жулиета Ѓуркова раководител на Центарот за развој на Југоисточниот плански регион .
Според
градоначалникот Костадинов, во следните 4 години, целта на Советот мора да биде
рамномерен развој на сите општини во југоисточниот дел од државата подеднакво,
а тоа ќе значи и поквалитетен живот за сите граѓани без разлика дали живеат во
помалите или поголемите општини.
На седницата присуствуваа и градоначалникот на Општина Радовиш Ацо Ристов, градоначалникот на Општина Конче Златко Ристов, на Општина Василево Славе Андонов, на Општина Босилово Ристо Манчев, градоначалникот на Општина Ново Село Ѓорѓе Божинов, на Валандово Перо Костадинов, на Богданци Блаже Шапов, и на Општина Дојран Анго Ангов.
Инаку, Советот за развој на денешната седница донесе и одлука за отпочнување на постапка за избор на еден претставник од бизнис-заедницата во Советот за развој, како и јавен повик за избор на еден член во Советот за развој, со мандат од четири години. Исто така, Советот беше информиран и за наредните активности, така што беше договорено втората седница на Советот за развој да се одржи во Гевгелија, на 30 ноември, 2022 година.