Црвен крст одбележува 76 години од своето постоење
Црвениот крст на Република Македонија
одбележува 76 години од своето основање и 26 години од полноправно членство во
Меѓународната Федерација на друштвата на Црвен крст и Црвена полумесечина.
17 март е значаен ден за Црвен крст -Општинска организација Радовиш, датум кој го одбележува постоењето, дејствувањето, а воедно и успехот на сите волонтери, вработени, поддржувачи и безброј активисти.
Воедно и Ден на крводарителството кога Црвен крст изразува благодарност кон армијата на хумани луѓе кои даруваат крв и со својата хуманост спасуваат човечки животи.
Во овој изминат период реализирани се голем број на хуманитарни акции, дадени се услуги на многу семејства на стари лица, дистрибуција на храна и лекови на болни лица од Ковид, загрозени семејства, лица со попреченост. Изминатата година беше одбележан и со придобивата на национално ниво со донесувањето во Парламентот, на законот за регистрација на моторните возила и посебно законот за безбедност во сообраќајот каде се регулирани одредбите за полагање на прва помош за возачи која сега е организирана на највисоко ниво на професионалност и опременост и е дадена целосно во надлежност на националното друштво, а со тоа и на Општинските организации на Црвен крст.
„Крводарителството во минатата година беше со високо ниво на хуманост и солидарност на сите крводарители во државата. Одговорено е на сите акции и повици за да се дарува крв, редовни акции и вонредни поради зголемена потреба од одредена крвна група заради операции или лекување на болни. Горди сме на нашите сограѓани за покажаната висока свест и совест за дарување крв и во услови на пандемија. Да бидеме одговорни и да се чуваме“, велат од Црвен крст -Општинска организација Радовиш по повод 17 март ден на формирањето на Црвениот крст на Република Македонија и ден на крводарителството.