Советот на Општина Радовиш даде поддршка за отварање на една дуална паралелка, геолошко рударски техничар
Советот на Општина Радовиш на денешната итна седница едногласно ја изгласа Предлог
одлуката за дополнување на Одлуката за давање согласност на Предлог планот за
запишување на ученици во прва година во учебната 2021/2022 година во СОУ „Коста
Сусинов“ во Радовиш.
Станува збор за отварање на Геолошко- рударска и
металуршка струка, образовен профил, геолошко рударски техничар, една дуална
паралелка со 34 ученика на македонски наставен јазик.
Образложение за итноста на седницата даде претседателот
на Советот Викица Манолева, а директорот на средното училиште Гоце Лазаров, ја образложи потребата од отварање на една
ваква дуална паралелка. Тој појасни дека учениците кои ќе се запишат во оваа
паралелка истовремено ќе имаат и пракса во рудниците Бучим и Боров Дол и истата ќе им биде платена.
Советникот Бојан
Митевски рече дека како советничка група ја поддржуваат ваквата одлука за
отварање на стручни паралелки, но и да не се укинуваат веќе постоечките. Тој праша
дали и колку е сигурно дека Министерството за образование ќе ја испочитува оваа одлука.
Предлог одлуката за отварање на нова Геолошко- рударска и металуршка струка, образовен профил, геолошко рударски техничар, една дуална паралелка едногласно беше изгласана од страна на советниците.