Помина првиот седумчасовен полициски час, полициските службеници со контрола на терен
Помина
првиот седумчасовен полициски час кој се воведува како рестриктивна мерка за
спречување на ширењето на коронавирусот.
Од синоќа од 22 часот до 05 часот утринава беше ограничено движењето на граѓаните, а на терен беа полициските службеници кои вршеа контрола.
Во првиот полициски час констатирано е дека 12 лица не ја почитувале забраната за движење.
Во текот на изминатото деноноќие пак (10/11.03.2021) на територијата на Република Македонија, по однос на мерката за носење лична заштита на лице, регистрирани се 408 прекршоци.
Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски синоќа направи увид на неколку полициски пунктови по стартот на спроведувањето на новодонесената мерка. Спасивски апелираше до граѓаните да ја почитуваат мерката, а за оние кои нема да го сторат тоа најави прекршочни и кривични санкции.
„Ова е неопходен чекор препорачан од здравствените фактори, а во интерес на поединечното и јавно здравје, и повеќе од сигурен сум дека сите заедно ќе успееме да ги пребродиме и овие околности што ни ги наметнува пандемијата со “ковид 19“.Апелирам до граѓаните на одговорност, апелирам да останат дома, да не се излегува без нужна потреба од домовите. Само така ќе застанеме на патот на ширењето на вирусот. рече Спасовски.
Спасовски додаде дека оваа е мерка која никој не ја посакува, но е неопходна за да се прекине ланецот на ширење на вирусот.
„Очекувам, како што започнавме оваа вечер, преку почитување на оваа мерка за забрана за движење, заеднички да придонесеме во наредните 14 дена да имаме намалување на ширењето на вирусот, стабилизација на состојбата и зачувување на здравствениот систем. Убеден сум дека заедно ќе ја добиеме и оваа битка против Ковид-19, изјави Спасовски.
Одлуката за полициски час со времетрање од 22.00 часот до 05.00 часот наутро ја донесе Владата завчера на предлог на Комисијата за
заразни болести, која очекува дека со оваа мерка ќе се спречи натамошниот
пораст на бројот на заболени и хоспитализирани лица.
Полицискиот час ќе трае до 22 март, а отстапки од
забраната за движење ќе има за оние граѓани кои имаат потреба од итна
медицинска помош. Одлуката за забрана за движење нема да важи и за патниците
кои доаѓаат или заминуваат од меѓународните аеродроми, на кои како дозвола за
движење ќе им се признаваат авионските карти. Оваа отстапка е иста и за
патниците во меѓународниот превоз на патници. За транспортерите на лица и на
стока како дозвола ќе се прифаќа патниот налог, додека транспортерите што транзитираат
ќе имаат обврска најмногу за 3 часа да ја напуштат земјата од еден на друг
граничен премин.
За останатите граѓани, движењето во периодот од 22 часот
до 05 часот ќе биде дозволено само со дозволи. Ќе важат истите дозволи кои
важеа и минатата година кога беше воведен полициски час. На оние кои ги
изгубиле дозволите, Министерството за информатичко општество и администрација
(МИОА) ќе им издаде нови.
Првите мерки за заштита од коронавирусот беа донесени
пред една година кога пандемијата беше
на почетокот.