Конечно денеска во земјава влегоа првите вакцини против ковид-19 од Србија, преку граничниот премин Табановце
Претседателот на Владата Зоран Заев денеска на граничниот премин Табановце-Прешево ја прими првата пратка вакцини од претседателот на Република Србија Александар Вучиќ.
Според премиерот Заев Пакетот од 4.680 од вкупно 8.000, е израз на пријателска и соседска подадена рака за поддршка и прва помош за македонските граѓани додека да стигнат вакцините што Владата на Северна Македонија ги обезбеди преку механизмот КОВАКС и преку директните контакти од производителите „Фајзер“ од Соединетите Американски Држави и од „Синофарм“ од Народна Република Кина.
Премиерот Заев додаде дека оваа средба и овој настан се резултат токму на пријателството и меѓусебната поддршка меѓу народите и државите и резултат на разбирањето за ситуацијата во која се најдовме сите ние во светот.
Тој нагласи дека вакцините од Србија ќе влезат во Националниот оперативен план за вакцинација што Министерството за здравство го објави пред јавноста и кој постојано ќе се ажурира согласно динамиката на пристигнување на останатите договорени вакцини во земјата, типот на вакцината и спецификите на секоја одделна вакцина.
Заев дополни дека се утврдени приоритетните групи за вакцинирање, а почна и доброволното пријавувањето на граѓаните со што во полна функција го ставаме целиот процес на имунизација на населението со вакцини кои штитат од КОВИД-19.
Претседателот на Република Србија Александар Вучиќ во своето обраќање истакна дека завршените стриктни процедури за дозвола за ова отстапување на дел од вакцините од компанијата „Фајзер“ во голема мерка ќе ја олесни постапката и за вториот дел вакцини што Србија ги определи за Северна Македонија, и дека тој, Владата на Србија и српскиот народ се среќни што помогнаа да започне имунизацијата на граѓаните во Северна Македонија.
-Ние не можевме да ги донесеме сите вакцини, бидејќи сите земји, а и некои фирми работат на заштита на своите производи. Затоа моравме на „Фајзер“ да му дадеме посебни гаранции дека ќе му го гарантираме начинот на транспорт на вакцините и дека вакцините ќе бидат исти како кога ние ги презедовме, рече Вучиќ, додавајќи дека дури синоќа биле завршени сите процедури.