Државниот завод за ревизија направи преглед на спроведувањето на дадените препораки содржани во Конечниот ревизорски извештај за извршена ревизија на успешност од 2019 година, на тема „Ефективност на политиките, мерките и активностите при доделувањето на водното право“.
Заклучокот од извршената ревизија е дека од страна на субјектите не се преземени активности и мерки за спроведување на препораките, за што постои потреба од преземање активности во наредниот период за спроведување на истите.
Ревизорите утврдија дека:
- од 19 препораки дадени на субјектите на централно ниво (Министерство за животна средина и просторно планирање, Министерство за финансии и Државен инспекторат за животна средина), само 1 препорака е спроведена, 2 препораки се делумно спроведени, а 9 препораки не се спроведени. Во тек е спроведувањето на 7 препораки;
- од 11 препораки дадени на субјектите на локално ниво (општини и јавни претпријатија), 4 препораки се делумно спроведени, 2 препораки не се спроведени и 5 препораки се во тек на спроведување.
Нецелосното спроведувањето на дадените препораки дадени во Конечниот извештај на овластениот државен ревизор предизвикува помалку уплатени средства во Буџетот на РСМ во износ од најмалку 204.7 милиони денари односно 3,3 милиони евра.
Јавните претпријатија имаат искажани обврски за пресметани, а неуплатени надоместоци за водно право во износ од најмалку 426.4 милиони денари или изразено во евра повеќе од 6,9 милиони евра, што претставува потенцијален приход за Буџетот на РСМ.
Според Извештајот од Министерството за финансии, доставен по барање од Владата на РСМ, заклучно со март 2019 година пријавените обврски на 60 општини кон јавните претпријатија кои вршат водни услуги изнесуваат 348.3 милиони денари или изразено во евра над 5,6 милиони евра.
Испорачаната вода од страна на јавните претпријатија за потребите на општините, за наводнување зеленило и паркови, фонтани, перење улици и слично не се мери и не се фактурира согласно реалниот потрошок во м3, а најчесто се фактурира паушален износ согласно годишните програми.