Connect with us

Македонија

Новогодишно обраќањето на претседателот Стево Пендаровски: 2020-та беше една од најтешките години од македонската независност

Media Press

Published

on

Новогодишно обраќањето на претседателот Стево Пендаровски по повод новогодишните празници. Интегрален текст.

„Драги сограѓани,

2020-та беше една од најтешките години од македонската независност. Ја поминавме во постојана тензија помеѓу стравот и надежта.

Стравувавме за нашето здравје и животи. Бевме загрижени и за економијата, за работните места, многу лични и професионални планови беа одложени. Но, најтрагично од се, многу човечки животи беа изгубени. 

Пандемијата покажа колку сме ранливи како луѓе. Истовремено разоткри и многу системски слабости што се извор на социјална нееднаквост и неправда. Не е утеха што овие слабости се покажаа и на многу други места во светот, не само кај нас. 

Но, во сета таа болка и страв низ кои поминавме, имавме и причини за надеж. Таа надеж ни ја даваа нашите херои, здравствените работници, кои секојдневно, пожртвувано се борат за здравјето и животот на секој пациент, дури и на новогодишната ноќ.

Надеж ни даваа и хуманите луѓе со големо срце со своите донации и волонтерите со својата посветеност. Надеж ни даваа и оние кои и во вакви услови се бореа за социјална правда и  достоинствен живот.

Почитувани,

Не можеме со сигурност да знаеме што нé очекува во годината која е пред нас. Но, во ова време на неизвесност, една работа е извесна. Кризата не менува сите, постепено, секој ден, и од нас самите зависи дали од неа ќе излеземе разединети и рамнодушни или сплотени и солидарни. Треба да знаеме дека секое добро дело продолжува да живее во луѓето на кои сме им помогнале и за кои сме се грижеле.

Пандемијата ќе помине. Ќе дојдат подобри денови. Ќе можеме да бидеме заедно, без страв. Но, и тогаш не смееме да ги заборавиме скапо платените лекции. Мора да сме системски подготвени за следната криза, мора да ја закрепнеме економијата, да ја искорениме неправдата, да ги надминеме поделбите, да ги залечиме овие рани. Сите ние заслужуваме многу повеќе радост и среќа!

Во 2021-та посакувам да имаме здравје, само здравје, за да можеме да ги оствариме сите наши желби“, стои во обраќањето на претседателот Пендаровски.

Нека ни е среќна Новата година!

Македонија

Србија да и даде на Македонија 8.000 вакцини од производителот Фајзер

Media Press

Published

on

Во директен разговор меѓу премиерот Зоран Заев и претседателот на Србија, Александар Вучиќ договорено е Србија да и даде на нашата земја 8.000 вакцини од производителот Фајзер.

Министрите за здравство на двете земји Венко Филипче и Златибор Лочнар во наредните денови ќе ги договорат деталите околу постапката за испорака на вакцините.
Симбол на оваа здравствена криза е солидарноста, Министерството за здравство изразува благодарност до Република Србија и српскиот народ за овој пријателски чин.

Процесот на директна набавка со истиот производител е во финална фаза. Согласно договорената динамика, во февруари преку Фајзер ќе пристигнат 5.850 дози од вакцината, а по 17.500 дози во март и април.

Во месец февруари се очекуваат и вакцините преку КОВАКС механизмот, за коишто е направена уплата и обезбедена гаранција. Вкупната количина на вакцина преку овој механизам за нашата држава изнесува 833.000 дози.

Continue Reading

Македонија

Третирани 661 пациент со конвалесцентна плазма

Media Press

Published

on

Од Институтот за трансфузиона медицина информираат дека се обезбедени вкупно 802 единици конвалесцентна плазма за третман на пациенти заразени со КОВИД-19, од вкупно 729 донори.

Со крвна плазма досега се третирани 661 пациент. Со ваквиот највисок чин на хуманост, граѓаните кои се оздравени имаат можност да им помогнат на тие кои во моментот се борат со коронавирусот.

„Да им помогнеме на лицата кои се борат со коронавирусот, да донираме конвалесцентна крвна плазма, апелираат од Институтот за трансфузиона медицина до сите оздравени пациенти кои имале КОВИД-19. Преку даруваната конвалесцентна плазма, антителата на оздравените пациенти се користат во сузбивање на болеста кај друго лице со КОВИД-19.“ – апелираат од Институтот за трансфузиона медицина

Лицето дарител на конвалесцентна плазма треба да има документиран лабораториски доказ дека било болно од КОВИД-19 и да биде минимум 21 ден без симптоми, по што се прави дополнителен тест за потврда дека нема присуство на вирус.

Continue Reading

Македонија

Ново зголемување на цените на нафтените деривати

Media Press

Published

on

Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги донесе одлука со која се врши зголемување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 2,53 % во однос на Одлуката од 11.1.2021 година.

Ова зголемување се должи на зголемувањето на сите референтни цени на светските берзи за изминатата недела и тоа: бензинот се зголемува за 5,708%, дизелот за 4,285%, екстра лесното масло 4,792 % и мазутот 4,588%. Во истиот период курсот на денарот во однос на доларот е повисок за 0,845%.

Малопродажните цени на бензинот ЕУРОСУПЕР БС-95 и на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) се зголемуваат за 1,00 денар/литар, додека малопродажните цени на бензинот ЕУРОСУПЕР БС-98 и на Екстра лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1) се зголемуваат за 1,50 денар/литар, во однос на малопродажните цени утврдени со одлуката од 11.01.2021 година. Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС се зголемува за 1,172 ден/кг и ќе изнесува 30,823 ден/кг.

Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 9562,00 (денари/литар)
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 9863,50 (денари/литар)
Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V)53,50 (денари/литар
Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1)53,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС29,651 (денари/килограм)

Continue Reading