Засилените сообраќајни контроли од страна на сообраќајната полиција во изминатите неколку месеци покажуваат дека дисциплината и одговорноста кај учесниците во сообраќајот се уште не се на потребното ниво. Управување на моторно возило под дејство на алкохол, управување на моторно возило без соодветна возачка дозвола, непочитување на правилата за ограничување на брзината, не правилно престигнување, управување на нерегистрирани и технички неисправни возила и голем број на други прекршоци во сообраќајот со кои директно се загрозува животот и здравјето на сите учесници во сообраќајот се дел од прекршоците кои полициските службеници ги регистрираат секојдневно.
Во делот на превенцијата, РСБСП потенцира дека културата и навиките во сообраќајот се учат од најмали нозе и токму затоа Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата посебно внимание во својата работа посветува на најмалите.
Што се однесува до возрасните, важно е да се каже дека процесот на промена на навиките и културата во сообраќајот е бавен и тежок процес и за таа цел РСБСП реализира континуирани и силни кампањи, а ефектите од кампањите може да се почувствуваат единствено на подолг рок.
„РСБСП го поддржува процесот на засилени сообраќајни контроли и истиот треба да биде континуиран и силен. Најважно е граѓаните да знаат дека репресивните мерки се спроведуваат со цел заштита на нивниот живот и нивното здравје и истите имаат за цел да ги одвратат сторителите на сообраќајните прекршоци од повторување на сообраќајниот прекршок.“ – стои во соопштението на Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата.