Connect with us

Македонија

Под слоганот „Честит 11 Октомври! Секогаш слободни!“ се одбележа големиот празник 11 Октомври – Денот на народното востание

Avatar

Published

на

Свеченостите, под слоганот „Честит 11 Октомври! Секогаш слободни!“, се одржаа во посебни услови согласно протоколот за одбележување државни празници, односно без масовни народни собири и културно-уметничка програма, со минимум присутни лица и обезбедена дистанца и заштита.
Претседателот на Владата Зоран Заев по повод чествувањето на 79 години од Денот на народното востание на македонскиот народ, ја предводеше делегацијата во која беа министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска, министерот за транспорт и врски Благој Бочварски и министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини, која положи цвеќе пред Спомен – Костурницата во Куманово.


Венци со свежо цвеќе пред Спомен – Костурницата во Куманово положија и повеќе делегации на Претседателот на Република Северна Македонија, на Собранието на Република Северна Македонија, Сојузот на борците, на Армијата на Република Северна Македонија, на парламентарните политички партии, на дипломатскиот кор и на Општина Куманово.
Како дел од свеченото одбележување на државниот празник 11 Октомври, владини делегации положија цвеќе и во Прилеп и Скопје.


Во Прилеп, владина делегација предводена од заменик-претседателот на Владата задолжен за европски прашања Никола Димитров, придружуван од министерката за образование и наука Мила Царовска, положија цвеќе на споменикот на Методија Андонов-Ченто, на споменикот на Кузман Јосифовски-Питу, на Алејата на народни херои, на Споменикот „Жена борец“, како и на спомен обележјето Могилата на непобедените.


Венци цвеќе, пред Споменикот на борците, кои паднаа за ослободување на Скопје, положи владина делегација предводена од првиот заменик-претседател на Владата и министер за политички систем и односи меѓу заедниците Артан Груби, заедно со министерката за одбрана Радмила Шекеринска, министерот за правда Бојан Маричиќ и министерот за здравство Венко Филипче.

Претседателот на Владата Зоран Заев во обраќањето на свеченоста пред Спомен – Костурницата во Куманово, истакна дека на денешен ден 11 Октомври – Денот на народното востание, нашите сограѓани во Куманово и Прилеп, се одважија и презедоа акции со кои го означија почетокот на сенародната борба за слобода и правда и во триумфот на победата го остварија вековниот сон – сопствената и заслужена државност.


„Со овој голем историски чин започна и впишувањето македонската држава на мапата на народите на светот. Патот на македонската држава е проследен со борба против сите форми на фашизам, репресии и неправда. Но, и со постојан стремеж за слобода, правда и еднаквост за сите чесни и добронамерни граѓани без разлика на пол, вера, убедување и народност, водени од желба за подобар живот. Денеска, стоиме тука во Куманово, во градот херој, горди, со кренати глави чувајќи го заветот на нашите државотворци. Поради храбрите борци на НОБ денес сите ние имаме патриотска должност да се обединиме во создавањето на едно праведно општество“, рече во своето обраќање премиерот Заев.  
Благодарение на овој самопрегор, продолжи Заев, денес Република Северна Македонија е меѓународно призната држава со сопствена армија, со државна валута и со сите постулати на државност. Нашето место во Обединетите нации е кристална и недвосмислена потврда за македонскиот јазик и за македонскиот идентитет. Македонскиот јазикот се користи слободно секаде во сите меѓународни институции, активности и настани. Во европските институции во Брисел и во Стразбур.


„Одбележувањето на ваквите денови е најсилниот потсетник за начелата и вредностите кои не смееме да ги заборавиме, но и за патот по кој треба да продолжиме. Тоа е европскиот пат, патот кон демократските вредности“, потенцираше претседателот на Владата и потсети дека во минатиот мандат Владата што ја предводи приоритетите ги насочи на надворешен план кога беа постигнати и Договорот за добрососедство, пријателство и соработка со Бугарија и Договорот од Преспа со Грција,  со кои по децениско заостанување Северна Македонија направи пробив на меѓународен план.


„Сето ова се реализираше првенствено низ полноправното членство на нашата држава во НАТО и со утврдувањето на почетокот за преговори со Европската Унија, како и низ градењето на партнерски однос со сите наши соседи. Благодарение на овие договори Северна Македонија од држава оставена на маргините, се претвори во активен чинител на меѓународната сцена. Денес нашата држава е ценет и посакуван партнер. Успешна приказна која започна да го менува наративот на Балканот“, потенцираше премиерот Заев.

Македонија

Од денеска започна Велигденскиот пост

Avatar

Published

на

Денот по Прочка е Чист понеделник кога почнува големиот велигденски пост. На овој ден се чисти куќата, децата и возрасните се бањаат, шишаат и бричат. Особено се внимава садовите за храна да се измијат и испоснат од мрсното. Во минатото тоа се правело со брашно или пепел и со подолго вриење.

Велигденскиот пост опфаќа 7 недели. Трае 48 дена, од Прочка до Велигден. Уште се нарекува и Четириесетница затоа што по 40 дена од постот, продолжува последната седмица пред Велигден, дополнителен строг пост, заради деновите на предавството, страдањата, распнувањето на крстот и погребението на Господа Исуса Христа. Таа се нарекува Страдална или Страстна седмица.

Постот е време на соединување со Бога – Причестување, Заедничарење, Благодарење – Евхаристија.

Се пости на вода, освен во сабота и недела, кога се дозволува масло (зејтин) и вино. Масло и вино се допушта и на празниците.

Риба се јаде само на Благовец и на Цветници. На Лазарева сабота се јаде икра.

Велигденскиот пост е најстрогата форма на постење. А постот значи  воздржување телесно и духовно: воздржување од мрсна храна и од гревовност. Во постот ние му даваме предност и поткрепа на духовното пред телесното. Тоа е време за повеќе молитва и за повеќе добри дела. Време за откажување од гревот и за покајание.

Во Велигденскиот пост не се прават свадби, ниту се дозволува венчавање.

Телесниот пост значи во сите дни воздржување од месо, млеко, јајца и производи со нив, односно од сè што содржи месо, млеко и јајца, а во одредените денови, воздржување и од масло и од вино. Храната доминантно е од растително потекло.

Иако, само во сабота и недела е дозволена храна со масло (зејтин), а во другите денови без масло, сепак, има и ублажување на постот, кога е тоа потребно. Ако е човекот болен, слаб и немоќен, може да добие благослов, да пости со зејтин, млеко и риба. Тоа се однесува и на малите деца до 7 години, но и на длабоката старост, како и за луѓето во посебни услови и состојби, како што се болестите, затворите, армијата, војните, бремените, леунките, доилките, патниците и сл.

Во таквите случаи постот може да се ублажи. Благословот за тоа се добива од православен свештенослужител. Од постот не се ослободува, туку тој се олеснува. Никако не се допушта месо.

Светите отци постот го нарекуваат мајка на здравјето, а и современиот начин на исхрана сè повеќе му придава значење на постот, односно на откажувањето од храната со животинско потекло.

Постот е потреба и за телесното и за духовното здравје. И најважно, постот не е само воздржување и одрекување од храна, туку е важен и духовниот пост – одрекувањето и воздржувањето од секое зло и грев.

Прочитај повеќе

Македонија

Собранието го изгласа Законот за забрана на нефер трговски практики, кој би требало да донесе поевтинување на цените

Avatar

Published

на

Собранието денеска го изгласа Законот за забрана на нефер трговски практики предложен од Министерството за економија кој би требало да донесе поевтинување на цените во маркетите, преку регулирање на синџирот на снабдување со земјоделски и прехранбени производи.

Намалените цени треба да следуваат преку уредување на односите помеѓу производителите, дистрибутерите и трговците.

Новиот закон за забрана на нефер трговски практики предвидува намалување на рабатот до максимум десет проценти на годишно ниво. Тоа треба да ги снижи цените на земјоделските и прехранбените производи, но и ќе влијае врз подобрување на нивниот квалитет.

Во законот се содржани околу 26 нефер трговски практики за спречување на манипулациите, а за прилагодување на компаниите кон понудените решенија е одреден рок од шест месеци.

Со донесување на Предлог на законот се очекува да се постигнат позитивни ефекти во деловното работење кај сите оператори (купувачи и добавувачи), кои се активни во синџирот снабдување со земјоделство и храна во различни фази на производство, преработка, маркетинг, дистрибуција и малопродажба на земјоделски и прехранбени производи и соодветна примена на забраните на нефер трговски практики во синџирот на снабдување на земјоделски и прехранбени производи.

Дополнително, законското решение обезбедува поефикасни контроли и надзор на Комисијата за заштита на конкуренцијата која добива дополнителна надлежност. Комисијата има за задача во првите шест месеци од стапувањето на сила на законот да ги усогласи сите нејзини акти со одредбите на овој предлог и да обезбеди ресурси на технички и технолошки квалификуван кадар за правилна и непречена контрола на одредбите кои се наведени во предлог законот.

Во Законот исто така е наведено  процентуално колку може да биде максималниот рабат кој може маркетите да го бараат од производителите и добавувачите кои сега надминуваат над 30%-40% од цената.

Со ова решение е предвидена листа на земјоделски и прехранбени производи каде рабатот ќе биде ограничен на 10% и во склоп на тоа ќе конкурираат меѓу себе ланците на супермаркети што ќе влијае во намалување на цените.

За непочитување на законските одредби засега во предлог решението се предвидени глоби до 20 000 евра

Прочитај повеќе

Македонија

Најмногу дожд наврна во Радовиш а најсилен ветер во Виница

Avatar

Published

на

 Најмногу дожд во изминатото деноноќие наврна во Радовиш 37 литри на метар квадратен, 31 литар Лазарополе, 26 во Берово, 24 во Крушево, а 22 литри во Скопје.

Во текот на ноќта времето беше облачно со врнежи од дожд, кои наместа беа пообилни и проследени со грмежи. Дуваше слаб до умерен, а наместа во источните делови засилен повремено силен ветер од јужен правец, кој во Виница достигнуваше брзина до 75 km/h. Изутринава е променливо облачно со повремени врнежи од дожд, во источните делови во планинските региони проследени со грмежи. Дува слаб ветер претежно од јужен правец.

УХМР за денеска прогнзира променливо облачно време со повремени врнежи од дожд. Наместа ќе биде нестабилно со пороен дожд и грмежи, локално во форма на невреме. Ќе дува слаб до умерен ветер претежно од југозападен правец. Максималната температура ќе биде во интервал од 11 до 17 степени.

Прочитај повеќе