Од почетокот
на учебната година, бројот на учениците коишто следат онлајн настава е зголемен
за околу 10 отсто, соопшти Министерството за образование и наука.
„За неполна
недела околу 80 отсто од учениците во средните и основните училишта успешно се
приклучија кон онлајн наставата, а овој процент од стартот на годината
постојано се зголемува. Останатите, ученици и наставници во основно и
средно образование, пријавиле дека имаат тешкотии при вклучувањето во онлајн
наставата, а како најчеста причина ги посочуваат – лошата интернет
конекција или немањето уреди“, стои во известувањето.
Министерството
за образование и наука е во координација со градоначалниците, локалните
самоуправи и директорите на училиштата и се работи на надминување на овие
предизвици.
Министерството
за образование и наука информира дека моделот за онлајн настава се покажа
функционален и успешен, а наставниците и учениците се
задоволни од тоа како се одвива наставата од далечина.
„Апелираме
до сите оние кои ја бојкотираат наставата дека секој изгубен ден од учењето е
на директна штета на децата. Сите ученици мора да ја почнат учебната година и
најважно од се, е образовниот процес да продолжи“, велат од МОН.
МОН
информира и дека над 98% од учениците од 1-3 одделение следат настава со
физичко присуство во училиштата, а нешто помалку од 2 проценти учат од
далечина. За учениците коишто немаат уреди за онлајн учење, а сепак треба да
учат на далечина успешно се емитуваат 15-минутни часови на телевизија преку
Националната радио телевизија. Исто така, наставниците имаат обврска да им
печатат материјали и редовно да им ги доставуваат, но и да бидат во постојана
комуникација со нив и нивните семејства, за да го следат совладувањето на
наставниот материјал.