Connect with us

Македонија

Маричиќ: Мојата мисија е да ја вратиме надежта на граѓаните во правосудството

Виолета | Media Press

Published

on

Министерот за правда Бојан Маричиќ денеска одржа прес-конференција по повод добиеното мандатно писмо од страна на претседателот на Владата, Зоран Заев.

Во мандатното писмо на министерот Маричиќ се наведени обврските и реформите кои треба да ги спроведе а се однесуваат на судството и обвинителството, евроинтеграциите, Изборниот законик и подобрување на услугите кон граѓаните.

„Уште од првиот ден од мојот мандат, започнав со работа во интерес на граѓаните со цел правдата да биде достапна за сите. На мој предлог, Владата ја усвои предлог-измената на Законот за судските такси, со која судските такси се намалуваат за осум пати на максималната судска такса за физичките лица. Со други зборови, максималната судска такса за физичките лица, за граѓаните, се намалува од 48.000 денари на 6.000 денари“, истакна Маричиќ.

Министерот Маричиќ смета дека независноста и ефикасноста на судската власт се клучни за враќање на довербата на граѓаните, но и за воспоставување еднаквост пред законот преку подобра контрола врз извршната и локалната власт.

Маричиќ потенцираше дека неговата мисија како Министер за правда е да ја врати надежта на граѓаните во правосудството, преку зголемување на одговорноста, отчетноста и ефикасноста на судиите и обвинителите, како и органите на управата кои се под негова надлежност.

„Најприоритетната задача е да спроведеме длабоки и суштински реформи во правосудството, односно да започнеме процес на ефикасно и објективно прочистување на судството и обвинителството“, истакна министерот за правда Бојан Маричиќ, додавајќи дека моделот за прочистување треба да биде завршен во првите сто дена од неговиот мандат.

Ова подразбира проверка на имотната состојба на судиите и обвинителите од страна на Државната комисија за спречување на корупција. Судскиот совет, пак, во согласност со новите закони, треба да направи детална проверка на работата на судиите, особено во врска со одредени постапувања по предмети кои беа доведени до застареност со одлагање, ретки рочишта и слично.

Паралелно на овој процес, на почетокот на наредната година, најдоцна на пролет, се очекува да започне и ЕУ мониторингот на судските случаи од висок профил, околу 50 предмети годишно, во кој ќе учествуваат стручни лица од странство и домашните експерти ангажирани од ЕУ и ОБСЕ како спроведувач.

„Ние сме прва држава во регионот која од Европската Унија побара веднаш да ја стартува иницијативата за мониторинг на судските предмети врзани за високата корупција“, додаде Маричиќ.

Министерот елаборираше дека целта на овој процес е да се зголеми кредибилитетот на судските одлуки и процеси во целина, како и одговорноста на обвинителите и судиите во однос на ефикасноста и праведноста во постапувањето.

„Како дел од процесот на прочистување, најавувам и ревизија по случаен избор на 5% од предметите од висок профил, на случаи кои застариле да се утврди причината, колку се тие причини објективни, колку се тие субјективни и каде е изворот на проблемот со застарување на предметите“, потенцираше Маричиќ.

„Моја мисија е и да предложам со законски измени врз основа на кои Јавното обвинителство ќе мора редовно и континуирано да ја информира јавноста за својата работа и напредокот во предметите кои ги следат граѓаните и за коишто граѓаните се интересираат“, најави Маричиќ.

Министерот за правда најави и дигитализација на правосудството преку   унапредување на АКМИС-от и електронско поврзување на судовите со јавните обвинителства, како и задолжителна електронска комуникација со адвокатите, извршителите, медијаторите, нотарите и други субјекти.

„Во соработка со Владата треба да предложиме нов модел за спречување на злоупотребите на системот на судии-поротници преку промена на начинот на избор, одредби за конфликт на интереси, зајакнување на одговорноста на поротниците и посебни процедури за гласање при донесување на одлуки“, истакна Маричиќ.

Последно кое се однесува на правосудството а го најави министерот е кадровското зајакнување на судовите и обвинителствата преку зголемување на бројот на стручни соработници со цел поефикасна борба против организираниот криминал и корупцијата.

На врвот на листата на приоритетите е и успешен почеток и непречено спроведување на пристапните преговори со Европската Унија за Поглавјето 23: Правосудство и фундаментални права. Маричиќ информираше дека во моментот се договара преговарачката рамка и истакна дека очекува првата меѓувладина конференција можеби ќе ја имаме до крајот на годинава.

„Подеднакво важно, ќе работам на измените Изборниот законик со кој ќе се воведе принципот на отворени кандидатски листи уште при првите наредни локални избори наредната година. Директниот избор ќе значи поголема врска на избраните претставници со нивните сограѓани“, најави министерот Маричиќ.

прикажи повеќе
Advertisement

Македонија

МТСП: Од понеделник почнува етапната исплата на септемвриските пензии

Виолета | Media Press

Published

on

Oд понеделник 28.09.2020 година, почнува етапната исплата на септемвриските пензии. Министерството за труд и социјална политика информира дека пензиите ќе бидат исплатени предвреме и етапно, со цел да се овозможи поголема заштита на пензионерите во услови на опасност од коронавирусот КОВИД-19.

„Подигнувањето на пензиите преку филијалите и експозитурите на банките за пензионерите кои не користат картички ќе се реализира во четири групи, според висината на пензијата:

–           Во понеделник, на 28.09.2020 година исплата на пензии со висина до 11.000 денари;

–           Во  вторник, на 29.09.2020 година исплата на пензии во висина од 11.001 денари до 14.000 денари;

–           Во среда, на 30.09.2020 година исплата на пензии во висина од 14.001 денари до 18.000 денари;

–           Во четврток , на 1.10. 2020 година исплата на пензии во висина над 18.000 денари.

Пензионерите кои користат платежна  картичка, поврзана со сметката на која се префрлува пензијата, со парите можат да располагаат од понеделник 28 септември. Тие можат да ја подигнат пензијата на банкомат, да ги користат средствата за плаќање во трговската мрежа или за електронски плаќања.

Етапното процесирање на пензиите ќе овозможи спроведување на препораките и мерките за спречување и ширење на вирусот, со оглед на тоа што пензионерите како возрасна група се најранливи.

Министерството за труд и социјална политика укажува дека пензиите се сигурни на сметките на корисниците, пензискиот систем е стабилен и функционира без проблеми. Апелираме до пензионерите да се придржуваат до распоредот за исплати, затоа што етапната исплата е направена со цел да се намали метежот пред банките и можностите за загрозување на личното и јавното здравје.

Потсетуваме на обврската за носење лична заштитна опрема којашто ги покрива пределот на носот и устата како и на држење растојание при чекање ред пред и внатре во банките“, стои во соопштението од МТСП.

Continue Reading

Македонија

Претседателот Стево Пендаровски домаќин на словенечкиот претседател Борут Пахор

Виолета | Media Press

Published

on

Денеска во претседателскиот кабинет во „Вила Водно“, претседателот на Македонија Стево Пендаровски на церемонија со највисоки државни и воени почести го пречека претседателот на Република Словенија, Борут Пахор, со што започна неговата официјална дводневна посета на РС Македонија.

Во рамки на посетата, покрај тет-а-тет средбата меѓу претседателот Пендаровски и претседателот Пахор, се одржува и пленарен состанок на македонската и словенечката официјална делегација, како и заедничка прес конференција.

Двајцата претседатели положија венци на гробот на Гоце Делчев во црквата Св. Спас.

Во фокусот на разговорите на двајцата претседатели се пријателските односи меѓу Северна Македонија и Словенија, справувањето со последиците од пандемијата на Ковид-19 и регионалните прашања.

Претседателот Пахор за време на посетата е придружуван од Здравко Почивалшек, заменик претседател на Владата и министер за економски развој и технологија, како и од Матеј Тонин, заменик претседател на Владата и министер за одбрана на Република Словенија.

Continue Reading

Земјоделие

Утврдени мерките за откупот на грозјето, субвенционирање во висина од 4 денари по килограм за откупено и предадено винско грозје во винарски визби

Виолета | Media Press

Published

on

Владата на одржаната 5-та седница ја разгледа и усвои „Информација за состојба на откупот на грозје од реколта 2020 година со предлог мерки“, со која го задолжи Кабинетот на заменикот на претседателот на Владата, задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции да подготви мерка од Програмата за поддршка од КОВИД-19 во висина од 4 денари по килограм за откупено и предадено винско грозје во винарски визби кои се запишани во регистарот на производители на вино што го води Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.
Поддршката ќе биде наменета за откупено винско грозје до 18 шеќерни единици со минимална цена од 7 денари по килограм.

Намената на оваа мерка е за интервентен откуп на грозје кое ќе биде преработено во производи од винско грозје, а корисници на оваа мерка се винарските визби кои се регистрирани во регистарот на производители на вино што го води Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.

Кабинетот на заменикот на претседателот на Владата, да е задолжен да подготви и дополнителна мерка од Програмата за поддршка од КОВИД-19 во висина од 2 денари по килограм за произведено и предадено винско грозје, а корисници на оваа мерка се регистрирани земјоделци во Единствениот регистар на земјоделски стопанства што се води во Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство. Предвидениот рок за исплата е до крајот на 2020 година.

Во врска со оваа точка од дневниот ред на денешната седница на Владата, Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство доби задолжение да подготви мерка во висина од 2 денари по килограм за произведено и предадено винско грозје и се корисници на подмерката 1.10, како директни плаќања по обработлива земјоделска површина за одржување на постоечки лозови насади од Уредбата за поблиските критериуми за директни плаќања. Предвиден рок за аплицирање за мерката е да биде до крајот на 2020 година, а исплатата на оваа мерка ќе биде во 2021 година според рокот за исплати во Програмата за финансиска поддршка во земјоделството за 2020 година. Мерката е наменета за сортите на винско грозје и тоа: смедеревка, вранец, бургундец црн, станушина, кратошија, жилавка, кавадарка.

Continue Reading