Connect with us

Економија

Плаќањата со картички преку интернет пораснале за 122,6 проценти

Александар | Media Press

Published

on

Народната банка ги обработи податоците од платежната статистика за вториот квартал од 2020 година и ги објавува пред вообичаениот рок за известување на јавноста утврден во календарот за објавување податоци од платежната статистика.

Во услови на пандемија, плаќањето со платежните картички во трговијата во земјата забележа годишен раст кај бројот и вредноста на остварените трансакции од 7,4% и 17,6%, соодветно. Притоа, евидентен е високиот годишен раст на бројот на плаќањата на граѓаните со платежни картички на местата на продажба на интернет, кој во вториот квартал од оваа година изнесуваше 169,6% и е петкратно повисок од годишниот раст во истиот квартал од минатaта година (32%). Во однос на користењето на платежните картички на физички места на продажба во вториот квартал од 2020 година беше остварен годишен раст од 4,9%, кој е значително понизок од годишниот раст во истиот квартал од минатата година (19,1%).

Негативното влијание на пандемијата е изразено кај плаќањата со користење на инструментот кредитни трансфери, кои забележаа годишен пад од 13,3% во однос на бројот и 17,4% во однос на вредноста на трансакциите. Сепак, од започнувањето на корона-кризата па наваму, физичките лица сè почесто ги користеле придобивките на електронското банкарство. Бројот на електронски кредитни трансфери извршени од страна на граѓаните во вториот квартал се зголемил за значителни 42,2% на годишна основа, што е двојно повеќе споредено со годишниот раст во истиот квартал во 2019 година (20,9%). Граѓаните ги извршувале плаќањата најчесто преку компјутер. Поконкретно, кај плаќањата извршени преку компјутер, во вториот квартал од 2020 година се забележува висок годишен раст од 32,9%, кој е скоро двојно повисок од годишниот раст во вториот квартал од минатaта година, кој изнесуваше 14,7%. 

Во вториот квартал од годинава продолжува трендот на зголемена употреба на мобилните телефони за извршување плаќања во земјата. Бројот на плаќања извршени со мобилен телефон пораснал за значителни 75,1% на годишна основа. Остварениот раст кај плаќањата извршени на ваков начин исто така е повисок од годишниот раст остварен во вториот квартал од минатата година, кој изнесуваше 49,1%. Од друга страна, условите коишто ги наметна пандемијата на КОВИД-19 придонесоа за забрзано менување на навиките на граѓаните во однос на извршувањето кредитни трансфери на хартија, пришто бројот на кредитните трансфери извршени на овој начин забележа голем годишен пад од 24,6% во вториот квартал оваа година, наспроти годишниот раст од 4,1% во истиот квартал во минатата година.

Менувањето на навиките на граѓаните во услови на ограничено движење заради пандемијата придонесе за импозантен годишен раст на нивните плаќања со платежни картички преку интернет во земјата од 122,6%, како и на кредитните трансфери извршени по електронски пат од 32,2%, во текот на првото полугодие од 2020 година.

Платежна статистика – движењата кај плаќањата во вториот квартал од 2020 година 

Економија

Од вечерва на полноќ се зголемуваат цените на горивата

Виолета | Media Press

Published

on

Регулаторната Комисија за Енергетика објави дека од вечерва ќе се зголемат цените на горивата.

Во согласност со методологијата за пресметка на цените, од вечерва на полноќ малопродажните цени на горивата се зголемуваат во просек за 2.37%.

Цените на ЕУРОСУПЕР-95 и ЕУРОСУПЕР-98 се зголемуваат по два денари, па еден литар од овие горива ќе чини 60.50, односно 62.50 денари.

Цената на ЕУРОДИЗЕЛ горивото се зголемува за половина денар, и еден литар дизел ќе чини 49.50 денари.

Новите цени стапуваат на сила од вечерва на полноќ.

Continue Reading

Економија

Од вечерва на полноќ, се намалуват цените на горивата

Виолета | Media Press

Published

on

Малопродажната цена на горивата од вечерва на полноќ ќе биде намалена, соопштува Регулаторната комисија за енергетика . Во согласност со методологијата за одредување на цените на нафтените деривати, цената се намалува во просек за 2,93% во однос на минатата недела, информира РКЕ .

Според новата одлука, цената на бензините Еуросупер БС-95 и Еуросупер БС-98 ќе се намали за еден денар по литар гориво. А цената за Еуродизел се намалува за 1,50 денар. Во согласност со тоа, Еуросупер БС-95 од вечерва на полноќ ќе се точи за 58,50 денари од литар, Еуросупер БС-98 ќе чини 60,50 денари, додека пак Еуродизелот ќе се продава за 49 денари по литар гориво.

Continue Reading

Економија

Во текот на следните денови ќе се знае точниот датум на почеток на обесштетувањето на осигурените депозити од Еуростандард банка

Александар | Media Press

Published

on

Фондот за осигурување на депозити ги известува депонентите – физички лица (резиденти и нерезиденти) на „Еуростандард банка“ АД Скопје во стечај дека е склучен договор со банките-исплатувачи. Во текот на следните денови, Фондот преку соопштение до медимуите и јавноста ќе ги извести депонентите за точниот датум на почетокот на исплатата на обесштетувањето на осигурените депозити кај банките – исплатувачи и за распоредот на депоненти по банки – исплатувачи.

Потврдите за сопственост на депозит ќе се издаваат директно во банките – исплатувачи, кога депонентот ќе дојде во банката за да го оствари правото на обесштетување. Со тоа се постигнува депонентите да не чекаат одделно за подигнување на потврдите од „Еуростандард банка“ АД Скопје во стечај.  

Банките – исплатувачи ќе вршат исплата на средствата само на сопственикот на сметката/законскиот застапник/старател наведен во Потврдата, со приложување на важечки документи за идентификација.  Полномоштвата/овластувањата кои депонентите веќе ги имаат издадено за располагање со средствата на своите полномошници/овластени лица за депозитот во “Еуростандард банка” АД Скопје ќе важат и при исплата на обесштетувањето во банките-исплатувачи и нема потреба да издаваат нови полномоштва/овластувања за оваа намена.

Во случај на спреченост депонентот лично да го оствари своето право на обесштетување, Банките – исплатувачи ќе вршат исплата на средствата и на лице овластено врз основа на Полномошно заверено од нотар.

Предмет на обесштетување се главнината на депозитот, договорената пресметана и припишана камата и непристигнатата камата до 12 август 2020 година. Во случај кога депонентот има обврски кон банката, вкупниот износ на депозити на депонентот коишто се предмет на обесштетување се намалува за износот на неговите вкупни обврски кон банката.

Банките-исплатувачи преносот на средствата на обесштетување ќе го вршат на следниот начин:

–      Доколку износот на обештетувањето е еднаков или поголем од 5.001,00 денар, банката-исплатувач ќе изврши пренос на средствата за обесштетување на трансакциската сметка на депонентот во банката-исплатувач.

–      Доколку депонентот нема отворено трансакциска сметка во банката-исплатувач, истата ќе биде отворена согласно законските прописи. По отвoрање на сметката, банката-исплатувач ќе изврши пренос на средствата за обесштетување на трансакциската сметка на депонентот.

–      Доколку износот на обесштетувањето е еднаков или помал од 5.000,00 денари, банката-исплатувач од наменската сметка на Фондот во банката-исплатувач ќе изврши готовинска исплата на средствата за обесштување, доколку депонентот до тој момент нема отворено трансакциска сметка во банката-исплатувач. 

Во случај депоненот да има активни блокади евидентирани во Единствениот регистар на трансакциски сметки, банката-исплатувач независно од износот на обесштетување, нема да изврши готoвинска исплата на средствата за обесштетување и ќе отвори трансакциска сметка на име на депонентот на којашто ќе изврши пренос на средствата за обесштетување.

Банките – исплатувачи ќе вршат исплата на обесштетувањето во рок од 36 месеци од денот на почеток на исплатата.

По истекот на овој временски период депонентите односно нивните наследници кои од различни причини не можеле да го остварат своето право на обесштетување, исплатата на обесштетување ќе може да ја остварат преку Фондот за осигурување на депозити кој останува посветен да обезбеди обесштетување независно кога депонентот ќе достави барање за да го оствари своето право на обесштетување. 

Continue Reading