На Велика Сабота во текот на денот се
прават последните подготовки за празникот, а вечерта се очекува
долгоочекуваниот празник.
Велика Сабота е ден на покојот, ден на Покојникот, денот
меѓу смртта и воскресението, меѓу Петок и Велигден, денот што ги спојува
распнувањето и радоста.
Велика Сабота е денот кога Христовото тело е во
гробот. Покојникот е внатре од вчера. Овој е втор ден на нашата жалост, тага и
молк. Ден на длабоко молчание, и покој.
Тогаш, Мајка Му – Пресветата Богородица и жените мироносици, по
погребението, Го оплакувале Господа Исуса Христа. Денес се изразува болката,
тагата и жалоста на Пресвета Богородица.
Велика Сабота е определена како Ден за чување на гробот. Околу полноќ, пред 12 часот верниците се упатуваат кон црковните храмови, крај Христовиот гроб. Се поклонуваат пред Плаштаницата, на која е претставено телото Господово при погребението, и положено во гробот. Тоа е украсениот гроб Христов, на сред црква, пред кој стојат сите и молчешкум се молат. Се протнуваме под неа на колена, со понизност. Го чекаме Воскресението.
Во Радовиш, вечерта, околу полноќ, се оди во црквата каде што секој носи црвено јајце, свеќа и зелено гранче или цвеќе, а свеќата запалена од свештеникот ја носат дома. На полноќ сите присутни со тропарот „Христос воскресе“ три пати ја обиколуваат црквата. Во црквата се останува за големата литургија, а потоа се причестуваат, се кршкаат со црвените јајца и се омрсуваат.
Велика Сабота е ден за прославување на неискажливата љубов од Богочовекот кон луѓето. Велика Сабота е ден на исчекување, ден на свештен трепет пред Христовото Воскресение.
Годинава, верниците ќе се молат од дома.