Зголемување на капацитетите, во однос на телефонските линии, пристапот на пациентите и тестирањето, согласно епидемиолошките анкети- од утре почнуваат да функционираат вкупно 14 пунктови ширум целата држава, најави на денешната прес конференција министерот Филипче, информирајќи ја јавноста околу ситуацијата со корона вирусот во земјава.
Во Скопје, пунктовите ќе бидат
сместени во поликлиниките во Чаир и во Јане Сандански, при што ќе се тестираат
пациенти, односно граѓани 50 по епидемиолошки индикации и 120 со закажување по
претходна најава кај матичниот лекар, кој треба да пополни алгоритам кој ќе
укаже на тоа дали пациентот, односно граѓанинот треба да биде тестиран или не.
– Значи, по вчерашниот координативен состанок со Здружението на матичните
лекари тие се целосно вклучени во поддршка на овој систем на идентификација,
рано откривање, зголемување на пристапот на пациентите, односно граѓаните прво
до дијагностика, а потоа и до спроведување и извршување на тестовите, рече
Филипче.
Во текот на утрешниот ден ќе бидат објавени и информациите за
сите центри, ширум државата, а кол-центарот е веќе во функција од викендот, тој
за време на работните денови ќе работи со зголемен капацитет на луѓе со цел да
се избегне чекањето, додава Филипче.