„Армијата
многу директно ќе се вклучи во поддршка на сите државни институции во
справување со последиците на коронавирусот и ќе биде на првата линија на
одбрана на здравјето на граѓаните секаде каде што тоа е потребно“, рече
заменичката на претседателот на Владата и министерка за одбрана Радмила
Шекеринска на денешната прес-конференција.
„Главниот фокус во следниот период ќе го ставиме на три задачи:
Првата задача е целосно преземање на контрола на граничната линија од страна на
нашите полициски структури, односно од страна на граничната полиција. Тоа не
значи дека војниците ќе ни ги контролираат нашите гранични премини, тука ќе
продолжи да биде ангажирана полицијата, но целата порано наречена зелена линија
на нашата граница ќе биде контролирана и под надзор на припадниците на Армијата
со цел да се спречат нелегални влезови и излези од нашата граница. Со ова ние
ќе овозможиме практично полицијата еден дел од своите сили, еден дел од своите
припадници да може да ги повлече од границите без никаква опасност по нашата
држава и да се сконцентрира на задачите, дома, внатре во државата.
Втората задача на припадниците на Армијата ќе биде заедничко учество во мобилни
екипи на полицијата и Армијата кои што ќе можат да спроведуваат проверка на
влезови и излези од населени места, особено во делот на кризните подрачја, но и
мобилни пунктови и контролни точки во реоните на ангажирање, како и контрола на
почитувањето на полицискиот час, почитувањето на самоизолацијата и доколку
самоизолацијата не се почитува да веднаш се изрекуваат мерки, но и да се упатат
овие лица во државен карантин и државна изолација.
И третата задача која што ја доби Армијата е во овој
период да обезбеди физичко обезбедување на витални објекти кои што досега беа
обезбедувани од страна на МВР. Во првиот чекор тоа значи дека Армијата ќе го
преземе обезбедувањето на објектите како што се Собранието на државата, Владата
на Република Северна Македонија, меѓутоа исто така и важни локации како што се
на пример нашите затвори. Важно е да обезбедиме во услови на вонредна состојба,
никој да не се грижи дали овие установи, казнено – поправните установи се под
контрола или не се под контрола. Тоа не значи дека Армијата ќе ја преземе
улогата на затворска полиција, но тоа значи дека тоа што порано го вршела
полицијата со надворешно контролирање, надворешно обезбедување, сега тоа ќе го
прави Армијата“, рече министерката Шекеринска.