Економија
Ангеловска за финансиската поддршка од 14.500 денари по вработен, за кого е наменета и како се аплицира
Објавено на
Од
Media Press
Мерката 14.500 денари по вработен е финансиска поддршка, која на фирмите кои се афектирани од коронакризата им е ликвидносна инјекција и помош за исплата на плати. Мерката може да ја искористат компаниите за да ги задржат тековните плати на вработените кои одат на работа, за да ги подмират целосните или најголем дел од трошоците за исплата на плати на работниците кои поради кризата не се на работа, како и во комбинација на мерките за поддршка за исплата на минимална плата и мерката за субвенција на придонеси за поголема плата.
Министерката за финансии Нина Ангеловска на прес-конференција за мерката ги презентираше деталите и како да се аплицира за мерката.
„Има компании кои се трудат да се справат со кризата, кои работат но имаат 30-40-50% пад на приходите. Целта со оваа поддршка е да можат да ги задржат работниците и покрај намалениот обем на работа, и да можат да ги задржат платите или барем да ги задржат на пристојно ниво со оваа поддршка. Така тие ако исплаќаат на пример бруто плата од 30.000 денари, половина ќе може да покријат преку оваа мерка со поддршката која ќе ја искористат. Потоа има компании кои се со нула приход – еве такви се угостителите, кои ги земав за пример при појаснување. Тие поради виша сила ги пуштиле работниците дома со 50% плата. Кај нив нето платата изнесува 18.000 до 20.000 ден. во случај ако тие сега исплаќаат 9.000 ден. или 10.000 ден. на работниците, со оваа мерка тие ќе ја покријат целата бруто плата ако е нето 9000 ден., или ако е нето 10.000 ден. ќе треба да покријат тие околу 1.000 ден. дополнително. Но што е важно да имаме предвид – оваа мерка може да се комбинира со мерката за „субвенции на придонеси при покачени плати, која ја користат 26.000 компании за околу 140.000 вработени“, рече Ангеловска.
Министерката посочи дека работниците преку оваа мерка добиваат извесност дека ќе го задржат работното место и по завршувањето на кризата.
„Да, можеби ќе добива надоместок понизок од вообичаениот, зависно во кој сектор работи, зависно од можностите на работодавачот, но од друга страна: трошоците му се намалени, голем дел од работниците се дома – не одат на работа или одат со скратено работно време, дел кои имаат кредити нема да ги плаќаат овој период, а кога кризата ќе помине ќе може да се вратат на работното место и да продолжат да заработуваат“, истакна Ангеловска.
Ангеловска рече дека мерката е наменета за секоја фирма која има намалување на приходите од најмалку 30% во април и мај во однос месечниот просек од 2019 или во однос на месечниот просек од основање на компанијата – за регистрираните компании после март 2019 или во однос на сезонскиот просек од последните 4 месеци спореден со сезонскиот просек од претходната година – за фирми од специфични сезонски дејности. Понатаму фирмите не требаат да исплаќаат дивиденди, бонуси, годишни награди, награди за деловна успешност за времетраење на мерката и просекот на највисоките нето-плати на 10% од вработените да не надминува 120.000 денари по вработен.
Ангеловска рече дека мерката може да се користи за сите работници освен за вработените со плата над 39.900 денари, за они кои се користи ослободување од плаќање придонеси од проектот „Македонија вработува” и доколку работодавецот ја користи мерката од првиот сет на економски мерки за субвенционирање на 50% од придонесите, која е алтернатива на оваа мерка.
„Тука ќе напоменам дека во јавноста имаше дилеми кои сакам да ги разјаснам, а исто така направивме и прилагодување на мерката за да има поголем опфат, односно, за мерката може да аплицираат фирми за работници за кои ја користат мерката за субвенција на придонеси за покачување на плата од 600 до 6.000 денари. Понатаму мерката може да ја користат и управители и сопственици на микро и мали претпријатија вработени во нив и дека мерката можат да ја користат без оглед на искажаниот финансиски резултат за претходната година“, рече Ангеловска.
Во однос на начинот за аплицирање Ангеловска рече дека истиот е едноставен и лесен и нема потреба од ангажирање на консултанти и обемни процедури.
„Прво, се пополнува барање за исполнетост на условите до 5-ти во месецот за претходниот месец преку системот е-даноци. Во рок од три дена УЈП ја потврдува комплетноста на барањето. Понатаму, следи пополнување на МПИН образецот во полето 3.23 се внесува шифра 619 (ако се користи само оваа мерка) или шифра 621 (ако се користи во исто време и мерката за субвенционирање на придонесите за покачување на платите). До 13-ти во месецот работодавачот на својата трансакциска сметка добива исплата на финансиската поддршка. До 15-ти во месецот треба да се исплати платата за претходниот месец“, рече Ангеловска.
Ангеловска посочи дека работодавачот кој ја користи мерката треба да го задржи истиот број на вработени до јули 2020 (сметано во однос на месецот за кој добил финансиска поддршка), што е олабавување на условот со измена на уредбата од 4 на 2 месеци. Во врска со искористените средства, работодавачот кој ја користи мерката, ако не оствари добивка за 2020, не ги враќа средствата земени преку мерката на државата. За останатите работодавачи враќањето е лимитирано до износ од 50% од добивката пред оданочување зголемена за оданочивите расходи.
Поврзани содржини

Исплатена е бонус плата за вработените во МВР за 2018 година

Просечна месечна исплатена плата по вработен декември 2020 година

Бесими: Компаниите кои ќе инвестираат во развој, нема да ги враќаат средствата од финансиската поддршка за плати

Владата ги објави нето-платите: Зоран Заев зема највисока, Шаќири зема најниска плата

Вкупно 179 работодавачи кои примиле финансиска поддршка за месец октомври 2020, не исплатиле плата на работниците

СДСМ: просечната плата порасна за над 4.000 денари за само три години
Економија
Димитриеска-Кочоска: Ребалансот е навремена реакција на новите економски околности и ја зачувува стабилноста на јавните финансии
Published
6 дена agoна
ноември 10, 2026By
Media Press
10 ноември 2026, Скопје – Дополнетиот ребаланс на Буџетот за 2026 година е навремена реакција на новите економски околности, последиците од глобалната неизвесност и ефектите врз домашната економија. Одговорноста на Владата е навремено да реагира, да ги приспособи економските политики на новите реалности, но притоа да ја зачува стабилноста на јавните финансии и да обезбеди непречено функционирање на државата.
Ова го истакна министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска во експозе на Дополнетиот предлог за изменување и дополнување на Буџетот за 2026 година кој што е денеска на дневен ред на собраниска седница потенцирајќи дека измените и дополнувањата на Буџетот се во насока на обезбедување стабилност во Буџетот до крајот на годината и сигурност за граѓаните и стопанството.
Со ребалансот, како што потенцира министерката, се прави неопходно приспособување на приходите и расходите, при што се земени предвид реалните економски текови и потребата од рационално, ефикасно и одговорно управување со јавните средства.
„Тоа значи поголема буџетска дисциплина, внимателно планирање на расходите и максимална оптимизација на приходите, без да се доведе во прашање редовното исполнување на обврските на државата. Она што е најважно за јавноста и граѓаните е дека Дополнетиот ребаланс не произлезе поради проблеми со ликвидност во Буџетот, туку е последица на преземените мерки од страна на Владата за намалување на ДДВ и акцизата кај бензините и дизелот. Мерки кои имаат директно влијание врз приходната страна на Буџетот, но најзначајно е дека со таквите мерки го поддржавме стандардот на граѓаните и ја помогнавме економијата, односно го спречивме прелевањето на високите цени на нафтата врз останатите производи и услуги“, наведе министерката.
Таа порача дека до крајот на годината државната каса е стабилна и е обезбедено финансирање на сите обврски – плати, пензии, исплата на социјални надоместоци, обврски кон стопанството, како и отплатата на долгови кои доспеваат.
Со Дополнетиот Ребаланс на Буџетот вкупните приходи се планирани на ниво од 374,2 милијарди денари или пониско за околу 5,3 милијарди денари на проекциите за 2026 година. Истовремено на исто ниво е направена надолна корекција на расходната страна, односно вкупните расходи се планирани на ниво од 420,5 милијарди денари. При тоа нивото на дефицитот во Буџетот останува на ниво од 46,3 милијарди денари.
Со ребалансот обезбедени се дополнителни 3,7 милијарди денари за социјални трансфери, од кои 1,4 милијарди денари за социјални надоместоци и дополнителни 887 милиони денари за здравствена заштита.
За Министерството за социјална политика, демографија и млади се обезбедени дополнителни 1,8 милијарди денари за ранливи категории, социјална помош, народни кујни и социјални услуги. Исто така дополнителни 600 милиони денари и за редовна и навремена исплата на породилните надоместоци.
„Зад овие бројки и ставки стојат нашите граѓани и тие за нас се приоритет, затоа во креирањето на измените опфативме ставки кај кои имаше одложување на реализацијата и користењето на средствата. Оттука направена е корекција кај капиталните расходи, но притоа е задржана развојната компонента и определбата на државата за понатамошна поддршка на економската активност преку јавни инвестиции“, рече министерката за финансии и додаде дека се продолжува со вложувања во одбраната, патната и железничката инфраструктура, комуналната инфраструктура, животната средина, енергетската ефикасност, образованието, детската и социјалната заштита, земјоделството и локалната инфраструктура.
Со Ребалансот продолжува и финансиската поддршка за општините и капиталните инфраструктурни проекти на локално ниво, како дел од политиката за рамномерен регионален развој.
Економија
Димитриеска-Кочоска: Стабилни јавни финансии, повеќе инвестиции и подобар животен стандард – приоритети на Буџетот за 2027 гдина
Published
2 недели agoна
октомври 30, 2026By
Media Press
30 октомври 2026, Скопје – Стабилни и одржливи јавни финансии, продолжување со постепената фискална консолидација, создавање услови за економски раст и инвестиции, редовна и навремена исплата и раст на платите и пензиите, повеќе средства за здравствена заштита, социјални надоместоци и слично. Ова се основните цели на Предлог-буџетот за 2027 година, којшто денеска го усвои Владата, а пред јавноста на прес-конференција го презентираше министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска.
Вкупните приходи со Предлог-буџетот за 2027 година се планирани на ниво од 395,4 милијарди денари или 5,7% повеќе споредено со 2026 година, додека вкупните расходи се проектирани на 440,4 милијарди денари или за 4,8% споредено со 2026 година). Буџетскиот дефицит е планиран на 45 милијарди денари, односно 3,5% од БДП и е во согласност со Фискалната стратегија за периодот 2027–2031 година.
„Ова значи дека остануваме на определбата на постепена фискална консолидација, со јасна цел за намалување на буџетскиот дефицит и стабилизирање на јавниот долг, без притоа да се откажеме од развојните приоритети. Буџетот за 2027 година го подготвивме во услови на неизвесно меѓународно економско опкружување и екстерни ризици, поради што посебно внимание посветивме на реалноста на проекциите, одржливоста на расходите и ефикасното користење на јавните средства“, рече министерката на прес-конференцијата.
Таа потенцира дека во 2027 година даночната политика ќе остане предвидлива, со фокус на унапредување на наплатата, намалување на даночната евазија и дигитализација на даночните процеси. При тоа даночните приходи се проектирани на 223,1 милијарди денари или раст од 6,4% во споредба со 2026 година.
Министерката посочи дека со Буџетот во 2027 се обезбедува редовно и непречено финансирање на сите законски и договорни обврски на државата.
„Со Буџетот се обезбедуваат средства за раст на плати во јавниот сектор, повеќе пари за исполнување на обврските што произлегуваат од членството на државата во НАТО, при што за одбраната се планирани средства во висина од 2% од БДП за зајакнувањето на одбранбените капацитети, модернизацијата и опремувањето на Армијата. Посебен приоритет останува социјалната сигурност на граѓаните. За социјални трансфери се предвидени 220,8 милијарди денари што е зголемување за 4,1%, од кои 123,8 милијарди денари за исплата на пензии или раст за 4,8%, согласно законското усогласување. За социјална заштита на најранливите категории граѓани се предвидени 14,3 милијарди денари, додека за активните политики и мерки за вработување се планирани 2,9 милијарди денари. За здравствена заштита се обезбедени 3,9 милијарди денари повеќе во споредба со оваа година. Исто така, за општините преку блок дотации и дотации за ДДВ се планирани трансфери во износ од околу 36 милијарди денари“, појасни министерката.
Според министерката особено значаен сегмент на Буџетот за 2027 година се капиталните инвестиции кои се планирани на ниво од 40,8 милијарди денари.
„Нашата определба е овие средства да бидат насочени кон проекти кои создаваат долгорочна вредност, ја подобруваат инфраструктурата и придонесуваат за поквалитетни јавни услуги. Притоа, не е важна само висината на планираните средства, туку и нивната реализација. Нашиот фокус е на навремено спроведување на проектите и на конкретни резултати на терен.
Дополнително, покрај капиталните инвестиции што директно се финансираат од Буџетот, во 2027 година продолжува реализацијата на значајни инфраструктурни проекти преку ЈПДП како што е Коридорот 8 и 10 Д“, рече министерката.
Напомена повеќе проекти кошто ќе се реализираат во патната и железничката инфраструктура, образование, дигитализација, посочи на започнување нови проекти и забрзување на динамиката на тековни проекти.
„Сите овие инвестиции имаат една заедничка цел – подобра инфраструктура, поквалитетни јавни услуги, поголема продуктивност и создавање услови за развој на економијата“, оцени министерката за финансии.
Посочи дека финансирањето на буџетскиот дефицит и отплата на обврски кои што доспеваат во 2027 година ќе се обезбедува на домашниот и меѓународниот пазар. При тоа потсети дека следната година меѓу другото доспева за отплата Еврообврзница од 500 милиони евра издадена во 2023 година.
„Нашата определба е да градиме Буџет заснован на реални приходи, одговорно управување со расходите и јасно утврдени приоритети. Во 2027 година продолжуваме со фискална дисциплина, ефикасно користење на јавните средства и посилен фокус на капиталните инвестиции. Целта е да обезбедиме стабилни јавни финансии и да создадеме услови за одржлив економски раст и подобар животен стандард на граѓаните“, рече министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска.
Со Предлог-буџетот за 2027 година проектиран е раст на БДП од 3,8% и стапка на инфлација на ниво од 3,2%.
Економија
Дурмиши од Приштина: Женското претприемништво мора да стане двигател на регионалниот економски развој
Published
2 недели agoна
октомври 30, 2026By
lence
Приштина, 30 октомври 2026 година
Министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, денеска учествуваше на регионалната конференција „SHE RISES REGIONAL 2026“ во Приштина, Република Косово, каде што на панелот посветен на унапредување на женското претприемништво преку регионална економска соработка и европска интеграција ги претстави мерките на Владата за поддршка на жените претприемачи, зголемување на конкурентноста и отворање нови можности за регионално економско поврзување.

Во своето обраќање, министерот Дурмиши истакна дека економското зајакнување на жените претставува важен предуслов за одржлив економски раст, поголема продуктивност и подобро искористување на економскиот потенцијал на регионот.
„Женското претприемништво не е само прашање на еднакви можности, туку важен двигател на економскиот раст, инвестициите и конкурентноста. Нашата задача е да создадеме услови жените не само да основаат бизниси, туку да развиваат успешни компании, да инвестираат, да извезуваат и да отвораат нови работни места“, нагласи Дурмиши.
Министерот информираше дека во 2026 година, преку Програмата за развој на претприемништвото и конкурентноста, се обезбедени 11,34 милиони денари за поддршка на микро, мали и средни претпријатија и занаетчии, со кофинансирање до 40 проценти од трошоците за набавка на нови машини и алати, односно до 200.000 денари по корисник.
Дополнително, обезбедени се 2 милиони денари за воведување меѓународни стандарди во преработувачката индустрија, со поддршка до 70 проценти од трошоците, како и 5 милиони денари за заеднички проекти меѓу компаниите и универзитетите, со цел поттикнување на иновациите и технолошкиот развој.

Дурмиши посочи дека преку Оперативниот план за вработување за 2026 година, за кој се предвидени 2,39 милијарди денари, се поддржуваат самовработувањето, претприемништвото и стекнувањето нови вештини со приоритет на жените.
Посебен акцент на конференцијата беше ставен на можностите за вклучување на компаниите во сопственост и управувани од жени во синџирите на снабдување на големите меѓународни компании и странските инвеститори.
Министерот нагласи дека Северна Македонија располага со значајна индустриска база и присуство на меѓународни инвеститори, но дека следниот чекор мора да биде посилно поврзување на домашните претпријатија со глобалните производствени и извозни синџири.
Во таа насока, тој ги посочи мерките за технолошка модернизација, сертификација и развој на домашните добавувачи, како и Националната стратегија за мали и средни претпријатија 2025–2030, која предвидува подобар пристап до финансии, дигитална и зелена транзиција и унапредување на женското претприемништво.

Како конкретен предлог за продлабочување на регионалната економска соработка, Дурмиши најави подготвеност да иницира разговори со колегите од регионот за воспоставување заедничка иницијатива за економско поврзување на жените претприемачи.
Тој предложи во текот на 2027 година да се разгледа можноста за пилот-програма што би опфатила регионална мрежа на компании управувани од жени, поддршка за нивната конкурентност преку дигитализација, сертификација и менторство, како и директни деловни средби со големи производствени компании и странски инвеститори.

Поевтинуваат горивата

ТРИБИНА ЗА КРСТЕ ПЕТКОВ МИСИРКОВ – вековна мисла и неизбришлив темел на македонскиот идентитет

Пензионерите од Василево добија пензионерски клуб

ФАТЕН СО АКТИВНА ЗАБРАНА: Управувал со возило спротивно на законската мерка – забрана за управување на возило!

