Радовиш
ИЗЛОЖБА НА ШАБАН ТРСТЕНА ВО РАДОВИШ: 42 ГОДИНИ ОД ОЛИМПИСКОТО ЗЛАТО – ИСТОРИЈА КОЈА НЕ СЕ ЗАБОРАВА
Објавено на
Од
Media Press
Во Радовиш отворена петта историска спортска изложба посветена на легендарниот борач и олимписки шампион Шабан Трстена
РАДОВИШ – Спомените за едно од најголемите достигнувања во историјата на македонскиот спорт повторно оживеаја во Радовиш. По повод 42 години од освојувањето на олимпиското злато, беше отворена историска спортска изложба посветена на легендарниот борач и олимписки шампион Шабан Трстена.

На 10 август 1984 година, Трстена го освои златниот олимписки медал на Олимписките игри во Лос Анџелес, испишувајќи една од најзначајните страници во историјата на македонскиот и југословенскиот спорт.
Ова е петта историска спортска изложба организирана во Радовиш, а овојпат пред посетителите се претставени 40 спортски фотографии кои опфаќаат период од 20 години од животот и блескавата спортска кариера на Трстена.
На отворањето присуствуваа бројни борачи, спортисти, спортски работници и љубители на спортот. Меѓу присутните беа и поранешниот претседател на БК „Бучим Јака“, проф. д-р Ванчо Чифлиганец, градоначалникот на Радовиш Љупче Почивалец, поранешниот градоначалник Ацо Ристов, како и голем број други гости.

„ПОЧНАВ ОД СИРОМАШНО СЕМЕЈСТВО, НО ИМАВ ГОЛЕМА ЖЕЛБА ДА УСПЕАМ“
Во своето обраќање, Шабан Трстена со посебни емоции се осврна на своето детство и на почетоците на својот спортски пат.
Тој е роден во Скопје, на 1 јануари 1965 година, во населбата Чаир, поточно во маалото Јаја Паша. Како што раскажа пред присутните, потекнува од сиромашно семејство, но уште од најрана возраст имал голема желба да стане успешен и познат борач.
Токму таа желба била неговиот најголем мотив. Со секојдневна напорна работа, дисциплина и тренинзи, Трстена чекор по чекор го градел својот пат кон светскиот врв.
Неговиот труд и истрајност на крајот беа крунисани со најголемиот спортски успех – олимпиското злато во Лос Анџелес во 1984 година.

БЛАГОДАРНОСТ ДО ЛУЃЕТО КОИ МУ ПОМОГНАЛЕ
Трстена во Радовиш изрази благодарност до сите кои на различен начин му помогнале во неговата богата спортска кариера.
На поранешниот градоначалник на Радовиш, Ацо Ристов, и на актуелниот градоначалник Љупче Почивалец, им додели признанија како знак на благодарност.
Посебна благодарност Трстена упати до проф. д-р Ванчо Чифлиганец, истакнувајќи го неговиот голем придонес за развојот на борењето и спортот во Радовиш.
Чифлиганец со својата долгогодишна посветеност и вложувања во спортот значително придонесе Радовиш да стане препознатлив како „шампионски град“, со богата спортска традиција и големи резултати.
Изложбата претставува своевидно патување низ времето – од детството и првите чекори на Трстена во борењето, па сè до неговите најголеми спортски достигнувања.
За љубителите на спортот и за сите оние кои сакаат одблизу да се запознаат со кариерата на еден од најголемите македонски олимпијци, изложбата ќе биде отворена во текот на оваа недела, од 19:00 до 21:00 часот.
Историјата на еден шампион продолжува да живее – преку фотографиите, спомените и приказните за патот од Чаир до олимпискиот врв.
Поврзани содржини
Радовиш
ТРИБИНА ЗА КРСТЕ ПЕТКОВ МИСИРКОВ – вековна мисла и неизбришлив темел на македонскиот идентитет
Published
4 часа agoна
ноември 16, 2026By
Media Press
Во чест на еден од најзначајните великани на македонската национална и јазична мисла, Крсте Петков Мисирков, во ОНБ „Браќа Миладиновци“ – Радовиш, се одржа научна трибина посветена на неговиот живот, дело и визија.
Трибината беше организирана од библиотеката „Браќа Миладиновци“ , во соработка со Комисијата за култура, образование и спорт на општина Радовиш.
На темата „Мисирков и неговата визија за македонската иднина“ говореа проф. д-р Елка Јачева-Улчар и проф. Јовица Илиќ, кои преку своите излагања го доближија ликот и делото на Крсте Петков Мисирков пред присутните. Модератор на настанот беше Гордана Здравкоска која со професионален пристап, внесе јасност и динамика на настанот.
Преку внимателно осмислените воведувања, промислените прашања и умешното поврзување на излагањата, таа овозможи темата да биде осветлена од различни аспекти, а мислата на Мисирков да се согледа во нејзината историска, јазична и национална длабочина.
Оваа средба имаше и посебна историска симболика. Се одржа непосредно пред 18 ноември, денот на раѓањето на Мисирков во 1874 година, а во годината кога се навршуваат 100 години од неговата смрт (26 јули 1926 година).
Во топла и пријатна атмосфера, исполнета со почит кон македонското историско и културно наследство, трибината обедини гости, пријатели и колеги македонисти во заедничко чествување на личноста чии идеи оставиле длабока и трајна трага во македонската историја.
Радовиш
Кривична пријава за „фалсификување службена исправа“ против двајца полициски службеници од ОВР Радовиш
Published
2 недели agoна
октомври 30, 2026By
Media Press
СВР
Струмица-ОВР Радовиш, до ОЈО ГОКК, поднесе кривична пријава против Б.Ч.(31) од
село Конче, радовишко, поради постоење на основи на сомнение дека сторил
кривично дело „фалсификување службена исправа“ по член 361 и против Б.Б.(38) од
Радовиш дека сторил кривично дело „соизвршителство“ по член 22, а во врска со
„фалсификување службена исправа“ од Кривичниот законик.
На 13.10.2026, пријавените, полициски службеници од ОВР Радовиш, изготвиле
и приложиле службен извештај со невистинити податоци. Имено, по завршување на
службената задача која им била доделена, подготвиле извештај во кој навеле
период од смената во кој не постапувале по наредбата, а во делот за
контролирани возила внеле податок дека имаат извршено контрола над седум
возила. Таквиот извештај бил потпишан од одговорниот полициски службеник,
првопријавниот Б.Ч.. Во прилог на писмениот извештај доставиле табеларен
преглед во кој имале внесено податоци за контролирани возила со марка,
регистарски ознаки и лице кое го управувало, а времето на контрола кај дел од
возилата било во период за кој претходно сами писмено во извештајот навеле дека
не постапувале по задачи од наредбата. Од дополнително преземените мерки и
извршени разговори со лицата наведени како возачи е утврдено дека на тој датум
не биле запрени и контролирани од полициски службеници.
Радовиш
АХВ со вонредни контроли во месарниците – во Радовиш и Пепелиште одземени околу 2 тони месо и производи од месо
Published
3 недели agoна
октомври 29, 2026By
Media Press
Инспекциските служби на Агенцијата за храна и ветеринарство вчера, спроведоа вонредни инспекциски контроли во малопродажни објекти за месо, подготовки и преработки од месо на подрачјето на Општина Радовиш и кај физичко лице во неготинското село Пепелиште, кое произведувало и преку социјалните мрежи продавало димени месни производи и чварки.

При контролите во Радовиш одземени се околу 2 тони небезбедно свежо и замрзнато месо и подготовки од месо, кои денес ќе бидат уништени на депонијата „Дрисла“.
Во Пепелиште, од физичко лице кое вршело неодобрена дејност од страна на Агенцијата – производство на димени месни производи и чварки, одземени се дополнителни 50 килограми подготовки од месо (печеница, кулен, димена сланина и сл).
Одземените производи се без декларација за потеклото и биле чувани и преработувани во несоодветни и нехигиенски услови, што претставува сериозен ризик за безбедноста на храната и здравјето на потрошувачите.
Надлежните институции продолжуваат со спроведување на инспекциски контроли со цел заштита на здравјето на граѓаните и спречување на нелегално производство и промет на небезбедна храна.

Поевтинуваат горивата

ТРИБИНА ЗА КРСТЕ ПЕТКОВ МИСИРКОВ – вековна мисла и неизбришлив темел на македонскиот идентитет

Пензионерите од Василево добија пензионерски клуб

ФАТЕН СО АКТИВНА ЗАБРАНА: Управувал со возило спротивно на законската мерка – забрана за управување на возило!
























