Connect with us

Економија

Димитриеска-Кочоска: Две години управуање со јавните финансии – избор за дисциплина, фискална одговорност и долгорочни решенија

Media Press

Објавено на


07 јули 2026 година, Скопје-
 Министерката за финансии Гордана Димитриеска -Кочоска, денеска одржа прес -конференција на која ги соопшти реализираните активности на Министерството за финансии во изминатите две години
Поминаа две години од управувањето со јавните финансии. Две години, во тешки економски услови, глобални неизвесности и огромни фискалани предизвици. Но и две години во кои направивме свесен избор – избор за дисциплина, за фискална одговорност и за долгорочни решенија наместо краткорочен популизам.
Во овие две години макроекономските резултати се повеќе од јасни: Македонската економија во овој период бележи стабилно закрепнување и континуиран раст. Ако погледнеме наназад, ќе видиме дека во периодот од 2017 до 2023 година просечниот економски раст изнесуваше околу 1,8 проценти, денес имаме значително повисока динамика: 2024 – 3%, 2025 – 3,5%, 2026: стабилна позитивна траекторија на економски раст.
Инфлацијата која во 2022 година достигна 14,2 проценти и сериозно влијаеше врз животниот стандард на граѓаните, денес, и покрај продолжената глобална неизвесност и последиците од една од најголемите енергетски и економски кризи во последните децении, инфлацијата во мај изнесуваше 4,8 проценти, а проекциите за оваа година остануваат во рамките на очекуваната стабилност.
Тоа значи дека успеавме да ги амортизираме глобалните ценовни шокови и повторно да обезбедиме предвидлива економска средина.
Ова е особено важно затоа што стабилната инфлација создава услови за реален раст на платите.
Во овие две години растот на платите продолжи со силна динамика. Номиналниот раст на платите во 2024 година изнесуваше 12,6 проценти, во 2025 година 9,6 проценти, а и годинава очекуваме раст од над 8 проценти. Но, уште поважно е што по долг период граѓаните повторно имаат реален раст на примањата. По падот на реалните плати во 2022 година од 2,9 проценти, во 2024 година тие пораснаа за 8,8 проценти, а во 2025 година за дополнителни 5,3 проценти.  Ова е клучен сигнал дека реалната куповна моќ се подобрува. Свесни сме за проблемите на граѓаните, ги живееме заедно и напорно работиме да ги решиме.
Има подобрување речиси кај сите статистички економски индикатори. Тоа се бројки кои ќе останат да сведочат за нашето работење.
Но, овие резултати не доаѓаат преку ноќ. Зад резултатите во економијата стои огромна работа и посветеност во Министерството за финансии во изминатите две години.
Враќањето на довербата во фискалната политика беше еден од моите лични мотиви кога ја прифатив оваа функција.
Кога ја презедов одговорноста, мој приоритет беше стабилизацијата на јавните финансии. Со ребалансот на Буџетот за 2024 година обезбедивме ликвидност, редовна исплата на плати, пензии и социјални трансфери и навремено сервисирање на обврските на државата. Тоа е приоритет кој се пресликуваше и во следните буџетски решенија, а така ќе биде и понатаму.
Во овој период сервисирани се 4,4 милјарди евра од јавниот долг, а до крајот на годината доспеваат уште 983 милиони евра.  Тоа се пари кои Министерството за финансии ги обезбеди во изминатите две години за да се отплатат стари долгови. Притоа главен фокус беше како да управуваме со рочноста на овие кредити. Не е ист теретот на буџетот ако тие огромни суми како што еврообврзницата од 700 милиони евра треба да се вратат на 4, 5 или 8 години – управувањето со рочноста е клучен елемент на фискалната стабилност.
Не е исто да се отплаќаат долгови во големи износи секоја втора година или секоја година како што сега се случува, со оглед дека сите четири години доспеваат обврзници во огромни износи. Во меѓувреме редовно ги сервисиравме сите домашни и странски обврски и истовремено обезбедивме средства за најголемиот инвестициски циклус во последните години.И покрај ова големо раздолжување, обезбедивме средства за зголемени капитални инвестиции, за редовна исплата на плати, пензии и социјални права, како и за поддршка на стопанството.
Јавниот долг во првиот квартал од 2026 година изнесува 58,9 проценти од БДП, што е под нивото при преземањето на мандатот со проекциите кои ги имаше претходната влада.
Тоа е суштинската разлика во начинот на кој ги водиме јавните финансии.Ние не создаваме дефицит за тековна потрошувачка. Ние создаваме простор за инвестиции што ќе генерираат нов економски раст.
Во изминатиот период се зголеми реализацијата на капиталните инвестиции во:

  • Патна инфраструктура
  • Железници
  • Енергетика
  • Образование
  • Комунална инфраструктура и
  • Одбрана и безбедност.

Се гради и тоа граѓаните можат да го забележат и сами.  Еден од најдобрите показатели за тоа како се менуваше економската политика во овие две години е токму буџетската политика.
Воведовме нов пристап во управувањето со јавните инвестиции. Со формирањето на Комитетот за јавни инвестиции започнавме системски да ги утврдуваме приоритетите, врз основа на јасни критериуми, финансиска одржливост и реална подготвеност на проектите. Завршува времето кога капиталните инвестиции постоеја само на хартија. Денес јавните средства се насочуваат кон проекти кои се подготвени, оправдани и носат најголема корист за државата.
Во овие две години силен акцент ставивме и на подобрување на деловното окружување. Ги усогласивме царинските стапки за 70 суровини и репроматеријали кои ги користи домашната индустрија,со оние на ЕУ со што директно ги намалуваме производствените трошоци на компаниите и ја подобруваме нивната конкурентност. Оваа мерка е резултат на директен дијалог со стопанските комори и претставува уште еден чекор кон целосно усогласување со европските царински политики.
Oбезбедивме и 250 милиони евра поволни кредити за домашните компании, со што им дадовме силна финансиска поддршка за нови инвестиции, модернизација на производството, зголемување на конкурентноста и отворање нови работни места.
Обезбедена е поддршка од околу 250 милиони евра за општински капитални проекти за локални патишта, водоводна и канализациона инфраструктура, градинки и училишта.
Овие два столба претставуваат нов модел на развој централно и локално инвестициско партнерство.
Во министерството за финансии активно се работи на ревидирање на Законот за ДДВ, Данокот на добивка и данокот на личен дохот како и на нов Царински закон, а со цел да воспоставиме поедноставен систем, поголема наплата на приходите и дигитализација на процесите и услугите
Воведен е OECD Pillar 2 системот односно донесена е соодветна законска и подзаконска регулатива за глобален минимален данок, едновремено со неговото воведување и во рамките на Европската Унија. Овој систем предвидува: 15% минимален ефективен данок за компании со добивка над 750 милиони евра и обезбедува директен буџетски приход и голем структурен ефект во насока на спречување даночна конкуренција.
Го донесовме новиот Закон за игрите на среќа и забавните игри, кој воведува повисока заштита на граѓаните, особено на младите, посилна контрола врз приредувачите, повисоки стандарди за интегритет и поефикасна борба против перењето пари. Исто така, со изменетото законско решение обезбедивме и значително поголеми приходи во буџетот преку зголемување на надоместоците за приредувачите на игрите на среќа. Ваквата одлука следи по направена анализа на состојбите на пазарот, а земајќи ги предвид зголемените профити и непроменетите надоместоци во овој сектор повеќе од 10 години.
Во периодот 2024–2026 година, значајно ја зајакнавме контролата и следењето на работата во овој сектор, што резултира со одземање на две лиценци за приредување игри на среќа и едно овластување за техничка исправност на автоматите, на предлог на Министерството за финансии. Постапувано е по повеќе поплаки од граѓани при што се преземени соодветни мерки и се побарани контроли од надлежните институции.
Истовремено подготвуваме измени и на законската рамка за финансиските друштва со кои дополнително ќе се зајакне заштитата на граѓаните и стабилноста на финансискиот сектор. Воедно, јавноста после долг период посведочи на конкретни мерки преземени од страна на министерството за финансии, тоа го потврдуваат и резултатите од извршените теренски и вонтеренски надзори во периодот од 1 јули 2024 година до 30 јуни 2026 година, во овој период беа одземени пет дозволи за работа на финансиски друштва, изречени беа глоби во вкупен износ од 2.58 милиони денари, односно околу 41.900 евра, на 18 финансиски друштва, издадени се 55 писмени наредби за отстранување на утврдени неправилности, а во еден случај беше изречена и мерка привремена забрана за вршење дејност во времетраење од 30 дена.
Докажавме дека немаме дилема кога треба да се примени законот во било која смисла.
Во извештајниот период, преку Секторот за трезор при Министерството за финансии беше обезбедено континуирано и непречено функционирање на платниот промет за буџетските корисници, со обработка на просечно околу 160.000 налози за плаќање на месечна основа, односно околу 2 милиони налози годишно. Истовремено, беа зајакнати кадровските капацитети на 17-те трезорски канцеларии, вклучително и повторното отворање на трезорската канцеларија во Гевгелија, со што се подобрија ефикасноста и достапноста на услугите.
Во согласност со новиот Закон за буџети, беа ажурирани постојните и донесени нови подзаконски акти, а преку соработка со Министерството за финансии на САД и Меѓународниот монетарен фонд беа унапредени практиките за управување со ликвидноста и владината финансиска статистика. Како резултат на тоа, Министерството за финансии започна редовно да објавува квартални и годишни податоци во базите на ММФ и Светската банка, со што се зголеми транспарентноста и усогласеноста со меѓународните статистички стандарди.
Реформите ги насочивме и кон градење посилни институции. Ја активиравме Академијата за јавни финансии, го презедовме претседавањето со Управниот одбор на Центарот за извонредност во финансиите – ЦЕФ, а преку регионална и меѓународна соработка продолжуваме да ги унапредуваме капацитетите на јавната администрација.
Презедовме активности за зајакнување и развој на пазарот на капитал на домашно и регионално ниво, преку унапредување на соработката меѓу релевантните институции и создавање услови за нови можности за финансирање на компаниите и инвестирање.
Во насока на развој на домашниот пазар на капитал и диверзификација на изворите на финансирање, успешно продолживме со издавањето на граѓанските обврзници.
Третата емисија предизвика исклучително голем интерес, при што 1.543 граѓани инвестираа над 2 милијарди денари, односно околу 33 милиони евра – повеќекратно повеќе од првично планираниот износ. Ова е силна потврда на довербата што граѓаните ја имаат во економските политики и во државата. Претходните две емисии, во вкупна вредност од 41,1 милион евра, беа целосно и навремено исплатени заедно со пресметаната камата, потврдувајќи ја сигурноста и довербата во овој финансиски инструмент.
Паралелно, се работи на дигитализација на процесот за издавање и запишување на граѓанските обврзници, со цел тие да станат поедноставно и подостапно инвестициско решение за граѓаните.
Во периодот што следи ќе продолжиме со фискалната консолидација, со дигитализацијата на јавните финансии, со борбата против сивата економија, со подобрување на даночната администрација, со модернизација на финансискиот систем и со создавање уште подобри услови за домашните и странските инвеститори.
Во изминатите две години се соочивме и со нов глобален предизвик. Воениот конфликт на Блискиот Исток предизвика сериозни нарушувања на светските пазари, особено кај енергенсите, што создаде ризик од нов ценовен шок и дополнителен инфлаторен притисок. За да го ублажиме ценовниот шок донесовме мерки за намалување на ДДВ за нафтените деривати од 18 на 10 проценти, како и намалување на акцизата за дизелот и бензините, со цел да го намалиме притисокот врз цените на горивата, да ја ограничиме инфлацијата и да ги заштитиме граѓаните и стопанството.
Македонија е мала и отворена економија и не може да остане изолирана од глобалните случувања. Но, она што можеме и што го покажавме во овие две години е дека со навремени, одговорни и добро таргетирани политики можеме успешно да ги амортизираме последиците од надворешните кризи. Затоа и понатаму остануваме посветени на зачувување на ценовната стабилност, заштитата на животниот стандард и создавање предвидлива економска средина за граѓаните и стопанството.

прикажи повеќе

Економија

Димитриеска-Кочоска: Ребалансот е навремена реакција на новите економски околности и ја зачувува стабилноста на јавните финансии

Media Press

Published

на

10 ноември 2026, Скопје – Дополнетиот ребаланс на Буџетот за 2026 година е навремена реакција на новите економски околности, последиците од глобалната неизвесност и ефектите врз домашната економија. Одговорноста на Владата е навремено да реагира, да ги приспособи економските политики на новите реалности, но притоа да ја зачува стабилноста на јавните финансии и да обезбеди непречено функционирање на државата.

Ова го истакна министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска во експозе на Дополнетиот предлог за изменување и дополнување на Буџетот за 2026 година кој што е денеска на дневен ред на собраниска седница потенцирајќи дека измените и дополнувањата на Буџетот се во насока на обезбедување стабилност во Буџетот до крајот на годината и сигурност за граѓаните и стопанството.

Со ребалансот, како што потенцира министерката, се прави неопходно приспособување на приходите и расходите, при што се земени предвид реалните економски текови и потребата од рационално, ефикасно и одговорно управување со јавните средства.

„Тоа значи поголема буџетска дисциплина, внимателно планирање на расходите и максимална оптимизација на приходите, без да се доведе во прашање редовното исполнување на обврските на државата. Она што е најважно за јавноста и граѓаните е дека Дополнетиот ребаланс не произлезе поради проблеми со ликвидност во Буџетот, туку е последица на преземените мерки од страна на Владата за намалување на ДДВ и акцизата кај бензините и дизелот. Мерки кои имаат директно влијание врз приходната страна на Буџетот, но најзначајно е дека со таквите мерки го поддржавме стандардот на граѓаните и ја помогнавме економијата, односно го спречивме прелевањето на високите цени на нафтата врз останатите производи и услуги“, наведе министерката.

Таа порача дека до крајот на годината државната каса е стабилна и е обезбедено финансирање на сите обврски – плати, пензии, исплата на социјални надоместоци, обврски кон стопанството, како и отплатата на долгови кои доспеваат.

Со Дополнетиот Ребаланс на Буџетот вкупните приходи се планирани на ниво од 374,2 милијарди денари или пониско за околу 5,3 милијарди денари на проекциите за 2026 година. Истовремено на исто ниво е направена надолна корекција на расходната страна, односно вкупните расходи се планирани на ниво од 420,5 милијарди денари. При тоа нивото на дефицитот во Буџетот останува на ниво од 46,3 милијарди денари.

Со ребалансот обезбедени се дополнителни 3,7 милијарди денари за социјални трансфери, од кои 1,4 милијарди денари за социјални надоместоци и дополнителни 887 милиони денари за здравствена заштита.

За Министерството за социјална политика, демографија и млади се обезбедени дополнителни 1,8 милијарди денари за ранливи категории, социјална помош, народни кујни и социјални услуги. Исто така дополнителни 600 милиони денари и за редовна и навремена исплата на породилните надоместоци.

„Зад овие бројки и ставки стојат нашите граѓани и тие за нас се приоритет, затоа во креирањето на измените опфативме ставки кај кои имаше одложување на реализацијата и користењето на средствата. Оттука направена е корекција кај капиталните расходи, но притоа е задржана развојната компонента и определбата на државата за понатамошна поддршка на економската активност преку јавни инвестиции“, рече министерката за финансии и додаде дека се продолжува со вложувања во одбраната, патната и железничката инфраструктура, комуналната инфраструктура, животната средина, енергетската ефикасност, образованието, детската и социјалната заштита, земјоделството и локалната инфраструктура.

Со Ребалансот продолжува и финансиската поддршка за општините и капиталните инфраструктурни проекти на локално ниво, како дел од политиката за рамномерен регионален развој.

Прочитај повеќе

Економија

Димитриеска-Кочоска: Стабилни јавни финансии, повеќе инвестиции и подобар животен стандард – приоритети на Буџетот за 2027 гдина

Media Press

Published

на

30 октомври 2026, Скопје – Стабилни и одржливи јавни финансии, продолжување со постепената фискална консолидација, создавање услови за економски раст и инвестиции, редовна и навремена исплата и раст на платите и пензиите, повеќе средства за здравствена заштита, социјални надоместоци и слично. Ова се основните цели на Предлог-буџетот за 2027 година, којшто денеска го усвои Владата, а пред јавноста на прес-конференција го презентираше министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска.

Вкупните приходи со Предлог-буџетот за 2027 година се планирани на ниво од 395,4 милијарди денари или 5,7% повеќе споредено со 2026 година, додека вкупните расходи се проектирани на 440,4 милијарди денари или за 4,8% споредено со 2026 година). Буџетскиот дефицит е планиран на 45 милијарди денари, односно 3,5% од БДП и е во согласност со Фискалната стратегија за периодот 2027–2031 година.

„Ова значи дека остануваме на определбата на постепена фискална консолидација, со јасна цел за намалување на буџетскиот дефицит и стабилизирање на јавниот долг, без притоа да се откажеме од развојните приоритети. Буџетот за 2027 година го подготвивме во услови на неизвесно меѓународно економско опкружување и екстерни ризици, поради што посебно внимание посветивме на реалноста на проекциите, одржливоста на расходите и ефикасното користење на јавните средства“, рече министерката на прес-конференцијата.

Таа потенцира дека во 2027 година даночната политика ќе остане предвидлива, со фокус на унапредување на наплатата, намалување на даночната евазија и дигитализација на даночните процеси. При тоа даночните приходи се проектирани на 223,1 милијарди денари или раст од 6,4% во споредба со 2026 година.

Министерката посочи дека со Буџетот во 2027 се обезбедува редовно и непречено финансирање на сите законски и договорни обврски на државата.

„Со Буџетот се обезбедуваат средства за раст на плати во јавниот сектор, повеќе пари за исполнување на обврските што произлегуваат од членството на државата во НАТО, при што за одбраната се планирани средства во висина од 2% од БДП за зајакнувањето на одбранбените капацитети, модернизацијата и опремувањето на Армијата. Посебен приоритет останува социјалната сигурност на граѓаните. За социјални трансфери се предвидени 220,8 милијарди денари што е зголемување за 4,1%, од кои 123,8 милијарди денари за исплата на пензии или раст за 4,8%, согласно законското усогласување. За социјална заштита на најранливите категории граѓани се предвидени 14,3 милијарди денари, додека за активните политики и мерки за вработување се планирани 2,9 милијарди денари. За здравствена заштита се обезбедени 3,9 милијарди денари повеќе во споредба со оваа година. Исто така, за општините преку блок дотации и дотации за ДДВ се планирани трансфери во износ од околу 36 милијарди денари“, појасни министерката.

Според министерката особено значаен сегмент на Буџетот за 2027 година се капиталните инвестиции кои се планирани на ниво од  40,8 милијарди денари.

„Нашата определба е овие средства да бидат насочени кон проекти кои создаваат долгорочна вредност, ја подобруваат инфраструктурата и придонесуваат за поквалитетни јавни услуги. Притоа, не е важна само висината на планираните средства, туку и нивната реализација. Нашиот фокус е на навремено спроведување на проектите и на конкретни резултати на терен.

Дополнително, покрај капиталните инвестиции што директно се финансираат од Буџетот, во 2027 година продолжува реализацијата на значајни инфраструктурни проекти преку ЈПДП како што е Коридорот 8 и 10 Д“, рече министерката.

Напомена повеќе проекти кошто ќе се реализираат во патната и железничката инфраструктура, образование, дигитализација, посочи на започнување нови проекти и забрзување на динамиката на тековни проекти.

„Сите овие инвестиции имаат една заедничка цел – подобра инфраструктура, поквалитетни јавни услуги, поголема продуктивност и создавање услови за развој на економијата“, оцени министерката за финансии.

Посочи дека финансирањето на буџетскиот дефицит и отплата на обврски кои што доспеваат во 2027 година ќе се обезбедува на домашниот и меѓународниот пазар. При тоа потсети дека следната година меѓу другото доспева за отплата Еврообврзница од 500 милиони евра издадена во 2023 година.

„Нашата определба е да градиме Буџет заснован на реални приходи, одговорно управување со расходите и јасно утврдени приоритети. Во 2027 година продолжуваме со фискална дисциплина, ефикасно користење на јавните средства и посилен фокус на капиталните инвестиции. Целта е да обезбедиме стабилни јавни финансии и да создадеме услови за одржлив економски раст и подобар животен стандард на граѓаните“, рече министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска.

Со Предлог-буџетот за 2027 година проектиран е раст на БДП од 3,8% и стапка на инфлација на ниво од 3,2%.

Прочитај повеќе

Економија

Дурмиши од Приштина: Женското претприемништво мора да стане двигател на регионалниот економски развој

Avatar

Published

на

Приштина, 30 октомври 2026 година

Министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, денеска учествуваше на регионалната конференција „SHE RISES REGIONAL 2026“ во Приштина, Република Косово, каде што на панелот посветен на унапредување на женското претприемништво преку регионална економска соработка и европска интеграција ги претстави мерките на Владата за поддршка на жените претприемачи, зголемување на конкурентноста и отворање нови можности за регионално економско поврзување.

Во своето обраќање, министерот Дурмиши истакна дека економското зајакнување на жените претставува важен предуслов за одржлив економски раст, поголема продуктивност и подобро искористување на економскиот потенцијал на регионот.

„Женското претприемништво не е само прашање на еднакви можности, туку важен двигател на економскиот раст, инвестициите и конкурентноста. Нашата задача е да создадеме услови жените не само да основаат бизниси, туку да развиваат успешни компании, да инвестираат, да извезуваат и да отвораат нови работни места“, нагласи Дурмиши.

Министерот информираше дека во 2026 година, преку Програмата за развој на претприемништвото и конкурентноста, се обезбедени 11,34 милиони денари за поддршка на микро, мали и средни претпријатија и занаетчии, со кофинансирање до 40 проценти од трошоците за набавка на нови машини и алати, односно до 200.000 денари по корисник.

Дополнително, обезбедени се 2 милиони денари за воведување меѓународни стандарди во преработувачката индустрија, со поддршка до 70 проценти од трошоците, како и 5 милиони денари за заеднички проекти меѓу компаниите и универзитетите, со цел поттикнување на иновациите и технолошкиот развој.

Дурмиши посочи дека преку Оперативниот план за вработување за 2026 година, за кој се предвидени 2,39 милијарди денари, се поддржуваат самовработувањето, претприемништвото и стекнувањето нови вештини со приоритет на жените.

Посебен акцент на конференцијата беше ставен на можностите за вклучување на компаниите во сопственост и управувани од жени во синџирите на снабдување на големите меѓународни компании и странските инвеститори.

Министерот нагласи дека Северна Македонија располага со значајна индустриска база и присуство на меѓународни инвеститори, но дека следниот чекор мора да биде посилно поврзување на домашните претпријатија со глобалните производствени и извозни синџири.

Во таа насока, тој ги посочи мерките за технолошка модернизација, сертификација и развој на домашните добавувачи, како и Националната стратегија за мали и средни претпријатија 2025–2030, која предвидува подобар пристап до финансии, дигитална и зелена транзиција и унапредување на женското претприемништво.

Како конкретен предлог за продлабочување на регионалната економска соработка, Дурмиши најави подготвеност да иницира разговори со колегите од регионот за воспоставување заедничка иницијатива за економско поврзување на жените претприемачи.

Тој предложи во текот на 2027 година да се разгледа можноста за пилот-програма што би опфатила регионална мрежа на компании управувани од жени, поддршка за нивната конкурентност преку дигитализација, сертификација и менторство, како и директни деловни средби со големи производствени компании и странски инвеститори.

Прочитај повеќе