Центарот за граѓански комуникации денес го објави истражувањето за јавните набавки на градежни работи за периодот од 2021 до 2025 година. Вo прилог ви ги доставуваме истражувањето и соопштението. Истражувањето „Тендерите за градежни работи се доделуваат под едни услови, а се реализираат под други“ покажа дека:
- Значителен број договори за градежни работи не се реализираат во согласност со првично договорените услови, туку во текот на нивното спроведување се продолжуваат роковите, се зголемува вредноста и се менуваат обемот и условите за изведба. Ваквата практика ја доведува во прашање смислата на првично спроведената јавна набавка и го зголемува ризикот од договарање, корупција и злоупотреби.
- Вредноста на склучените договори за јавни набавки на градежни работи изнесува 1,5 милијарда евра за пет години, и во овој период се склучени 9335 договори, а направени се 2500 измени на договорите.
- Надзорот сè почесто се сведува на формално потврдување на состојбата на терен, отколку на навремено идентификување, документирање и спречување на отстапувањата.
- Ретко се користат банкарските гаранции и договорните казни како санкции за непочитување на договорите за јавни набавки.
- За значителен дел од градежните проекти не може со сигурност да се утврди нивниот статус. Има големи разлики меѓу бројот на склучените договори и бројот на доставените известувања до електронскиот систем за реализација на договорите. Недостигот од навремени, точни и целосни информации го оневозможува ефикасното следење и контрола на реализацијата на договорите, со што злоупотребите остануваат неоткриени.
- Често, набрзо по завршување на договорите се појавуваат недостатоци кај изведените градежни работи што отвора сомнеж за корупција во текот на реализација на договорите.
- Иако вредноста на договорите за градежни работи низ годините расте, конкуренцијата на тендерите се намалува од пет понуди по тендер во 2021 на три понуди по тендер во 2025 година.
- Вредноста на договорите доделени во тендери без конкуренција пораснала за три и пол пати – од 38 милиони евра во 2021 година на 141 милион евра во 2025 година. Растот на тендерите со еден понудувач сигнализира зголемен ризик од договарање, прилагодување на спецификациите на одредени понудувачи и предвидлив исход на тендерите.
- Во дел од тендерските постапки се поставуваат услови кои очигледно го стеснуваат кругот на потенцијални понудувачи. Барањата за повеќекратни и специфични референции, голем број однапред прецизно дефинирани кадри, конкретно наведена опрема, сопствени лаборатории, сопствени асфалтни и бетонски бази, и други рестриктивни услови можат значително да ја ограничат конкуренцијата.
- 10 градежни фирми во изминатите пет години добиле тендери вредни околу половина милијарда евра, што е речиси третина од вкупната вредност на тендерите за градежни работи. Меѓу нив се „Стентон Градба“ од Битола, „Жикол“ од Струмица, „Илинден“од Струга, „Гранит“ од Скопје, „Бауер БГ“ од Скопје, „Ју-Бај 2“ од Скопје, „Битем“ од Скопје, „НБ-Компани“ од Тетово, „Ленди Груп“ од Скопје и „Зобек Мининг“ од Скопје.
- Кај повеќе договорни органи, најголемиот дел од средствата се распределува меѓу само неколку компании. Ваквата концентрација претставува црвено знаменце и бара дополнителна проверка на нивото на конкуренција, како и на начинот на доделување и реализација на договорите.
- Надзорот над градежните работи е високо концентриран кај мал број фирми. Само 10 компании опфаќаат 91 % од вкупната вредност на договорите, а само две – повеќе од 61 %. Концентрацијата е особено ризична бидејќи станува збор за фирми кои имаат контролна улога врз изведувачите и врз признавањето на извршените работи. Кога ограничен број компании вршат надзор врз значителен дел од јавните градежни договори, се зголемува ризикот од зависност, судир на интереси и недоволно независна контрола.
- Во изборните години се забележува значително повисока вредност на тендерите за градежни работи, особено во годините со локални избори. Концентрацијата на градежни договори пред избори носи ризик од злоупотреба на јавни ресурси за изборни цели.
До целото истражување може да се пристапи преку следниот линк. Истражувањето е достапно и на албански јазик на следниот линк.
Истражувањето е спроведено во рамките на проектот „Спречување на корупцијата во јавните набавки во градежништвото“, што го спроведува Центарот за граѓански комуникации со финансиска поддршка на National Endowment for Democarcy (NED).