На свечена церемонија во Дубаи, на министерот Тошковски му беше врачена светската награда за проектот „Безбеден град“
На официјалната свечена церемонија за доделување на
наградите World Police Summit Awards 2026, одржана во рамки на Светскиот
полициски самит во Дубаи, Обединетите Арапски Емирати, на министерот за
внатрешни работи Панче Тошковски му беше врачена престижната меѓународна
награда „Excellence in Road Safety“, која Македонија ја освои за проектот
„Безбеден град“.
Станува збор за значајно меѓународно признание за реформите
што Министерството за внатрешни работи ги спроведува во областа на безбедноста
на сообраќајот. Проектот „Безбеден град“ претставува системски пристап кон
унапредување на сообраќајната безбедност, кој ги обединува современите
технологии, законските измени, автоматската детекција на прекршоци и
дигитализацијата на постапките, со крајна цел намалување на сообраќајните
несреќи и заштита на човечките животи.
Во рамки на Светскиот полициски самит, министерот Тошковски
ја имаше честа да се обрати и на воведните обраќања (Welcoming Speeches), пред
меѓународни полициски претставници и учесници на самитот.
Во своето обраќање тој ја нагласи важноста на меѓународната
соработка во справувањето со современите безбедносни предизвици, истакнувајќи
дека иако надлежностите на државните институции имаат национални граници,
последиците од нивното дејствување или недејствување ги надминуваат тие
граници.
Како конкретен пример за успешна меѓународна соработка, министерот ја посочи заедничката истрага на македонската полиција и ФБИ против нелегалната онлајн платформа OLVX, поврзана со трговија со украдени лични податоци и алатки за сајберкриминал. Тој потенцираше дека активностите преземени во Македонија придонеле за дигиталната безбедност на граѓани во Соединетите Американски Држави.