ЈП „Паркиралишта Струмица“ започнува со активности за обновување и одржување на семафорската сигнализација
ЈП „Паркиралишта Струмица“ започнува со активности за тековно одржување, санација и подобрување на функционалноста на семафорската сигнализација на територијата на градот. Во изминатиот период беше извршена дефектажа, односно стручен преглед и утврдување на евентуалните неисправности на семафорската сигнализација кај трговскиот центар „Глобал“, а од утре избраната фирма ќе започне со реализација на предвидените активности. Тие опфаќаат фарбање на семафорските столбови и замена на семафорските светлосни тела, со цел обновување на опремата и обезбедување нејзино правилно функционирање.
Во следната фаза ќе биде извршен стручен преглед и утврдување на евентуалните неисправности и на останатите семафорски уреди во подземната гаража и на булеварот „Климент Охридски“, по што ќе следуваат соодветни активности за нивно одржување, санација и обновување.
Активностите се реализираат врз основа на претходно спроведена постапка за јавна набавка, со средства обезбедени од Буџетот на Општина Струмица. Со овие активности се продолжува со одржување и унапредување на сообраќајната инфраструктура, со цел зголемување на безбедноста на сите учесници во сообраќајот и обезбедување сигурно и непречено функционирање на светлосната сообраќајна сигнализација.
Воедно, се упатува апел до граѓаните да не ги користат семафорските столбови за лепење некролози, известувања и други печатени материјали. За таа намена на располагање се поставените табли за огласување, кои треба да се користат за ваков вид известувања. Со тоа ќе се придонесе за зачувување на обновената опрема и уредниот изглед на јавниот простор.