-Безбедноста и здравјето при работа се основно право на секој работник, а создавањето безбедна, здрава и достоинствена работна средина останува еден од приоритетите на Министерството за економија и труд. Ова го истакна министерот за економија и труд Бесар Дурмиши на денешниот настан по повод одбележувањето на Европската недела за безбедност и здравје при работа, на кој се доделуваат и Националните награди за најдобро имплементиран систем за безбедност и здравје при работа.
„Безбедноста и здравјето при работа не се само законска обврска или исполнување на пропишани стандарди. Тие се основно право на секој работник, прашање на човечко достоинство и заедничка одговорност. Нашата цел е јасна – секој работник да има безбедна работна средина, да биде заштитен од ризици и по завршувањето на работниот ден да се врати дома здрав и безбеден“, истакна министерот Дурмиши.
Во своето обраќање министерот посочи дека брзиот технолошки развој, дигитализацијата и новите начини на организација на работата, покрај можностите за поголема продуктивност и економски раст, носат и нови предизвици за заштитата на работниците. Особено внимание, како што нагласи, мора да се посвети на психосоцијалните ризици, стресот и влијанието на современите работни процеси врз менталното здравје на вработените.