Македонија

Поднесени обвиненија за поткуп и злоупотреби при даночните контроли на “Пулс” и поврзаните фирми

Основното јавно обвинителство Кочани поднесе обвинителен акт против три лица и обвинителен предлог против шест лица за дејствија на поткуп, злоупотреба на службена положба, оддавање службена тајна и фалсификување, во врска со контролите на Управата за јавни приходи во дискотеката “Пулс” во Кочани и во други поврзани фирми.

Обвинителен акт за кривично дело – Примање поткуп од член 357 од Кривичниот законик е поднесен против двајца даночни контролори, од кои еден е обвинет за две вакви дејствија. Тие од третото лице, обвинето за – Давање поткуп од член 358 од Кривичниот законик, побарале и примиле очила и рачен часовник со цел да го информираат за ненајавени вонредни контроли во фирмите каде тој бил одговорно лице.

Иако биле свесни дека согласно закон не смеат да оддаваат информации кои ги осознале во врска со даночна постапка, првиот обвинет сепак го информирал третиот обвинет преку вибер пораки за дејствијата на УЈП и МВР во врска со наведените фирми, правејќи со тоа и продолжено кривично дело – Оддавање службена тајна од член 360 од Кривичниот законик.

Двајцата даночни контролори се обвинети и за – Злоупотреба на службената положба и овластување од член 353 од Кривичниот законик, бидејќи при извршена контрола во правниот субјект во кој одговорно лице бил третиот обвинет, на 06.03.2024 година утврдиле даночни неправилности и нерегистриран промет, но во записникот не ја внеле откриената незаконитост. Со ова на буџетот му нанеле шета од 98.400 денари кои останале како ненаплатена глоба кај прекршителот.

Со цел да ги покрие незаконитостите утврдени при контролата, вториот обвинет сторил и кривично дело – Фалсификување службена исправа од член 361 од Кривичниот законик, односно го фалсификувал службениот извештај за контролата.

Против дополнителни четворица даночни контролори и инспектори до Судот е поднесен обвинителен предлог за кривично дело – Злоупотреба на службена положба и овластување. Од нив, еден е обвинет и за –  Фалсификување исправа. Дополнително, една вработена во Државниот пазарен инспекторат сторила дело – Оддавање на службена тајна, откривајќи информации кога акциските контроли ќе се реализираат. Обвинетите контролори и инспектори од УЈП вршеле даночни контроли кај правни субјекти во кои како реален сопственик се јавува шестиот обвинет, татко на лицето претходно обвинето за давање поткуп. Меѓутоа, констатираните неправилности не ги евидентирале и фалсификувале извештаи за извршените надзори. Со тоа на фирмите не им се наплаќале законски предвидените глоби. Во дејствијата на злоупотреба им помогнал и самиот реален сопственик, кој е шести обвинет во случајов.

Кривичната пријава за дејствија на Злоупотреба на службената положба опфаќаше уште четири лица, од кои за 2 е запрена постапката поради застареност, додека за 2 се утврди дека немаат дејствија на наведеното дело или на друго дело кое се гони по службена должност.

Media Press

Автор на инфорамцијата

Recent Posts

Поевтинуваат горивата

Новата цена на ЕУРОСУПЕР БС-95 изнесува 84 денари, а на ЕУРОСУПЕР БС-98 — 86 денари…

3 часа ago

ТРИБИНА ЗА КРСТЕ ПЕТКОВ МИСИРКОВ – вековна мисла и неизбришлив темел на македонскиот идентитет

Во чест на еден од најзначајните великани на македонската национална и јазична мисла, Крсте Петков…

4 часа ago

Пензионерите од Василево добија пензионерски клуб

Викендов,  во Домот на културата, градоначалникот на општина Василево Славе Андонов, заедно со пензионерите, со…

5 часа ago

ФАТЕН СО АКТИВНА ЗАБРАНА: Управувал со возило спротивно на законската мерка – забрана за управување на возило!

На 12.11.2026 во 15:50 часот во Гевгелија, полициски службеници од СВР Струмица-ОВР Гевгелија го лишија…

3 дена ago

Општина Струмица со награден фонд до 130.000 д. за најдоброто идејно решение за Градски плоштад ,,Гоце Делчев“ – Струмица

ПОТСЕТУВАЊЕ ДО ГРАЃАНИТЕ: РОКОТ ЗА ИДЕЈНИТЕ РЕШЕНИЈА ЗА ГРАДСКИОТ ПЛОШТАД „ГОЦЕ ДЕЛЧЕВ“ Е ПРОДОЛЖЕН ДО…

3 дена ago

Општина Струмица денес ја одржа 18-та седница на Советот на општина Струмица

Нови развојни планови за Струмица, финансиска стабилизација и инвестиции во 2027 година! На денешната 18-та…

3 дена ago