Мицкоски: Нова опрема од ЕУ за Царината, ја засилуваме борбата против организираниот криминал
Владата ќе продолжи со силна поддршка за Царината и зајакнување на борбата против организираниот криминал и корупцијата, истакна денеска премиерот Христијан Мицкоски на денешниот настан по повод донацијата на нова опрема од Европската унија, притоа додавајќи дека царинските службеници се на првата линија во заштитата на законот и владеењето на правото.
Премиерот Христијан Мицкоски кој денеска присуствуваше на настан по повод успешното завршување на проектите реализирани во рамки на Акцискиот документ „ЕУ против организираниот криминал, со поддршка за трговијата“ на Граничниот премин Табановце, изразува благодарност за донацијата на новата опрема, со што практично се зголемува ефикасноста и борбата против организираниот криминал и корупцијата.
„Новата опрема ќе придонесе за поголема ефикасност на Царинската управа и за уште поинтензивна борба против организираниот криминал и корупцијата. Царинските службеници се на првата линија во заштитата на законот и владеењето на правото и затоа ја имаат нашата целосна поддршка. Нашата определба е јасна, криминалот мора да биде неисплатлив, а секој што ќе одлучи да застане на страната на криминалот мора да одговара пред законот. Благодарност до Европската унија и амбасадорот Рокас за поддршката, како и до раководството и сите чесни и професионални царински службеници. Ќе продолжиме силно да ја поддржуваме Царинската управа, со очекување добрите резултати да прераснат во уште подобри“ истакна Мицкоски.