Домашното производство во април покри 88,8% од вкупната потрошувачка, значаен чекор кон целта Македонија да стане нето-извозник на електрична енергија, соопштуваат од ВМРО ДПМНЕ,
-И покрај тврдењата на опозицијата дека електричната енергија ќе поскапи за 5%, реалното зголемување изнесува 2,28%, што е меѓу најниските стапки на зголемување во Европа. Истовремено, со нови законски решенија се отвора можност за намалување на цената на електричната енергија за домаќинствата за 5 до 10%, а со преземените мерки за субвенционирање на електричната енергија, директно се заштитува стандардот на граѓаните и се спречуваат ценовни шокови за домаќинствата, стои во соопштението од владеачката партија ВМРО -ДПМНЕ.
Од друга страна, како што се наведува во соопштението, долгорочната цел е Македонија да произведува повеќе домашна електрична енергија и постепено да ја намалува зависноста од увоз.
Така, во април годинава, домашното производство покрило 88,8 проценти од вкупната потрошувачка на електрична енергија во земјата, што претставува значаен чекор кон стратешката цел Македонија да стане нето-извозник на електрична енергија.
„Паралелно се работи на консолидација и подобрување на работењето на ЕСМ, зголемување на акумулациите и максимално искористување на постојните производствени капацитети, а дополнително се реализираат нови стратешки инвестиции во енергетиката.
Во таа
насока, потпишани се договори за реализација на фотонапонската електрана
„Битола 3“ и за ревитализација на хидроелектраните – Фаза 3, со вкупна вредност
од 97 милиони евра. „Битола 3“ ќе придонесе кон зголемување на производството
на електрична енергија од чисти извори, додека ревитализацијата на
хидроелектраните ќе овозможи подобро искористување на постојните капацитети.
Воедно,
започнува изградбата на најголемиот ветерен парк во земјава, со 55 ветерници,
кој се очекува да произведува електрична енергија за околу 100 илјади
домаќинства. Инвестицијата на „Алказар Енерџи“ е вредна околу половина
милијарда долари.
Додека со потпишувањето на меморандумот со „Казанџи Груп“ се отвора можност за реализација на стратешки проект вреден до една милијарда евра. Проектот предвидува развој на нови капацитети за производство на електрична енергија, изградба на дистрибутивна мрежа за природен гас и мерки за зголемување на сигурноста во снабдувањето со гас“, велат од ВМРО -ДПМНЕ во јавно соопштение.