496 нови полициски службеници ја засилија македонската полиција
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денеска во Центарот за обука во Идризово присуствуваше и се обрати на свечената промоција на новата генерација полициски службеници 2025–2026, со што Министерството за внатрешни работи доби 496 нови полициски службеници. Во своето обраќање министерот Тошковски истакна дека полициската професија не е само работно место, туку животен избор и повик кој бара храброст, чесност, професионалност и човечност. „Со денешната свечена заклетва не добивате само работно место, туку прифаќате голема одговорност и ја преземате честа да ја носите униформата која граѓаните ја препознаваат како симбол на редот, законот и сигурноста“, порача министерот Тошковски.
Помошникот министер и раководител на Полициската академија Митковски информираше дека основната обука успешно ја завршиле 496 кандидати за полицаец, од кои 364 за полиција од општа надлежност и сообраќај, 78 за гранична полиција и 54 за специјалните полициски единици, кои од денес и официјално се подготвени да се приклучат во редовите на македонската полиција. На свеченоста новите полициски службеници положија свечена заклетва, со што и официјално станаа дел од Министерството за внатрешни работи и ја презедоа обврската чесно, законито и професионално да им служат на граѓаните и на Република Македонија.