Connect with us

Радовиш

ВО РАДОВИШ: Успешно спроведена првата форумска сесија од проектот „Зајакнување на општинските совети – Фаза 2“

Media Press

Објавено на

РАДОВИШ, 10 јули 2026 („Медиа прес сервис“) – Денес во просториите на Музејот на љубовта и уметноста во Радовиш (кај Градскиот парк) со почеток во 12:00 часот, со голем интерес и активна вклученост на граѓаните, успешно беше спроведена првата форумска сесија од проектниот форум во заедницата, во рамки на програмата „Зајакнување на општинските совети – Фаза 2“.

Поддршка на целиот процес уште од самиот почеток му даде и градоначалникот на Општина Радовиш, Љупче Почивалец, кој заедно со претседателот на Советот, Гоце Дединец, упати официјална покана до јавноста, нагласувајќи дека активното граѓанско учество е темел за носење на правилни одлуки. Од локалната самоуправа предводена од градоначалникот Почивалец потенцираат дека ставовите на граѓаните се од огромно значење за успешна имплементација на форумот и креирање решенија кои директно ќе го подобрат квалитетот на живот во општината.

Проектот се реализира со стручен тим кој успешно ја координираше и модерираше денешната плодна дескусија. Модератор на проектот е Гонце Јаковлевска, координатор е Весна Конзулова, додека улогата на ко-модератор ја извршува Лазар Газепов.

Оваа значајна иницијатива има за цел директно вклучување на локалното население во процесите на одлучување. Преку конструктивни дескусии, присутните граѓани мапираа клучни проблеми кои ги засегаат во секојдневното живеење и понудија предлог-решенија поделени во неколку стратешки области: Локален развој и инфраструктура, Животна средина, Образование, Култура и спорт, Економија и туризам, како и Социјала.

Денешниот настан е само прва од вкупно предвидените пет форумски сесии. Во текот на овој процес, граѓаните самите ќе ја одберат клучната тема за која понатаму ќе се подготвуваат конкретни проекти. На последната сесија, учесниците со гласање ќе го изберат најдобриот проектен концепт кој ќе биде директно финансиран и реализиран преку предвидениот проектен фонд.

Програмата „Зајакнување на општинските совети – фаза 2“ е финансиски поддржана од Швајцарската влада и Министерството за локална самоуправа, а кофинансирана и спроведувана од Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) во блиска соработка со националните и локалните партнери, вклучувајќи ја и Општина Радовиш.

Од локалната самоуправа изразија големо задоволство од денешниот одзив, нагласувајќи дека активното учество на граѓаните е од суштинско значење за успешна реализација на целиот форумски процес и креирање на Радовиш по мерка на сите негови жители.

прикажи повеќе

Радовиш

ТРИБИНА ЗА КРСТЕ ПЕТКОВ МИСИРКОВ – вековна мисла и неизбришлив темел на македонскиот идентитет

Media Press

Published

на

Во чест на еден од најзначајните великани на македонската национална и јазична мисла, Крсте Петков Мисирков, во ОНБ „Браќа Миладиновци“ – Радовиш, се одржа научна трибина посветена на неговиот живот, дело и визија.

Трибината беше организирана од библиотеката „Браќа Миладиновци“ , во соработка со Комисијата за култура, образование и спорт на општина Радовиш.

На темата „Мисирков и неговата визија за македонската иднина“ говореа проф. д-р Елка Јачева-Улчар и проф. Јовица Илиќ, кои преку своите излагања го доближија ликот и делото на Крсте Петков Мисирков пред присутните. Модератор на настанот беше Гордана Здравкоска која со професионален пристап, внесе јасност и динамика на настанот.

Преку внимателно осмислените воведувања, промислените прашања и умешното поврзување на излагањата, таа овозможи темата да биде осветлена од различни аспекти, а мислата на Мисирков да се согледа во нејзината историска, јазична и национална длабочина.

Оваа средба имаше и посебна историска симболика. Се одржа непосредно пред 18 ноември, денот на раѓањето на Мисирков во 1874 година, а во годината кога се навршуваат 100 години од неговата смрт (26 јули 1926 година).

Во топла и пријатна атмосфера, исполнета со почит кон македонското историско и културно наследство, трибината обедини гости, пријатели и колеги македонисти во заедничко чествување на личноста чии идеи оставиле длабока и трајна трага во македонската историја.

Прочитај повеќе

Радовиш

Кривична пријава за „фалсификување службена исправа“ против двајца полициски службеници од ОВР Радовиш

Media Press

Published

на

СВР Струмица-ОВР Радовиш, до ОЈО ГОКК, поднесе кривична пријава против Б.Ч.(31) од село Конче, радовишко, поради постоење на основи на сомнение дека сторил кривично дело „фалсификување службена исправа“ по член 361 и против Б.Б.(38) од Радовиш дека сторил кривично дело „соизвршителство“ по член 22, а во врска со „фалсификување службена исправа“ од Кривичниот законик.
На 13.10.2026, пријавените,  полициски службеници од ОВР Радовиш, изготвиле и приложиле службен извештај со невистинити податоци. Имено, по завршување на службената задача која им била доделена, подготвиле извештај во кој навеле период од смената во кој не постапувале по наредбата, а во делот за контролирани возила внеле податок дека имаат извршено контрола над седум возила. Таквиот извештај бил потпишан од одговорниот полициски службеник, првопријавниот Б.Ч.. Во прилог на писмениот извештај доставиле табеларен преглед во кој имале внесено податоци за контролирани возила со марка, регистарски ознаки и лице кое го управувало, а времето на контрола кај дел од возилата било во период за кој претходно сами писмено во извештајот навеле дека не постапувале по задачи од наредбата. Од дополнително преземените мерки и извршени разговори со лицата наведени како возачи е утврдено дека на тој датум не биле запрени и контролирани од полициски службеници. 

Прочитај повеќе

Радовиш

АХВ со вонредни контроли во месарниците – во Радовиш и Пепелиште одземени околу 2 тони месо и производи од месо

Media Press

Published

на

Инспекциските служби на Агенцијата за храна и ветеринарство вчера, спроведоа вонредни инспекциски контроли во малопродажни објекти за месо, подготовки и преработки од месо на подрачјето на Општина Радовиш и кај физичко лице во неготинското село Пепелиште, кое произведувало и преку социјалните мрежи продавало димени месни производи и чварки.

При контролите во Радовиш одземени се околу 2 тони небезбедно свежо и замрзнато месо и подготовки од месо, кои денес ќе бидат уништени на депонијата „Дрисла“.

Во Пепелиште, од физичко лице кое вршело неодобрена дејност од страна на Агенцијата – производство на димени месни производи и чварки, одземени се дополнителни 50 килограми подготовки од месо (печеница, кулен, димена сланина и сл).

Одземените производи се без декларација за потеклото и биле чувани и преработувани во несоодветни и нехигиенски услови, што претставува сериозен ризик за безбедноста на храната и здравјето на потрошувачите.

Надлежните институции продолжуваат со спроведување на инспекциски контроли со цел заштита на здравјето на граѓаните и спречување на нелегално производство и промет на небезбедна храна.

Прочитај повеќе