ВО РАДОВИШ: Успешно спроведена првата форумска сесија од проектот „Зајакнување на општинските совети – Фаза 2“
РАДОВИШ, 10 јули 2026 („Медиа прес сервис“) – Денес во просториите на Музејот на љубовта и уметноста во Радовиш (кај Градскиот парк) со почеток во 12:00 часот, со голем интерес и активна вклученост на граѓаните, успешно беше спроведена првата форумска сесија од проектниот форум во заедницата, во рамки на програмата „Зајакнување на општинските совети – Фаза 2“.
Поддршка на целиот процес уште од самиот почеток му даде и градоначалникот на Општина Радовиш, Љупче Почивалец, кој заедно со претседателот на Советот, Гоце Дединец, упати официјална покана до јавноста, нагласувајќи дека активното граѓанско учество е темел за носење на правилни одлуки. Од локалната самоуправа предводена од градоначалникот Почивалец потенцираат дека ставовите на граѓаните се од огромно значење за успешна имплементација на форумот и креирање решенија кои директно ќе го подобрат квалитетот на живот во општината.
Проектот се реализира со стручен тим кој успешно ја координираше и модерираше денешната плодна дескусија. Модератор на проектот е Гонце Јаковлевска, координатор е Весна Конзулова, додека улогата на ко-модератор ја извршува Лазар Газепов.
Оваа значајна иницијатива има за цел директно вклучување на локалното население во процесите на одлучување. Преку конструктивни дескусии, присутните граѓани мапираа клучни проблеми кои ги засегаат во секојдневното живеење и понудија предлог-решенија поделени во неколку стратешки области: Локален развој и инфраструктура, Животна средина, Образование, Култура и спорт, Економија и туризам, како и Социјала.
Денешниот настан е само прва од вкупно предвидените пет форумски сесии. Во текот на овој процес, граѓаните самите ќе ја одберат клучната тема за која понатаму ќе се подготвуваат конкретни проекти. На последната сесија, учесниците со гласање ќе го изберат најдобриот проектен концепт кој ќе биде директно финансиран и реализиран преку предвидениот проектен фонд.
Програмата „Зајакнување на општинските совети – фаза 2“ е финансиски поддржана од Швајцарската влада и Министерството за локална самоуправа, а кофинансирана и спроведувана од Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) во блиска соработка со националните и локалните партнери, вклучувајќи ја и Општина Радовиш.
Од локалната самоуправа изразија големо задоволство од денешниот одзив, нагласувајќи дека активното учество на граѓаните е од суштинско значење за успешна реализација на целиот форумски процес и креирање на Радовиш по мерка на сите негови жители.