Нa третиот
ден од Велигден, во Миравци, пред бројна публика- од граѓани, љубители на
фолклорот и гости од земјата и странство, годинава се одржа уште едно
впечатливо издание на манифестацијата „Ѓура Мара“- симбол на културниот
идентитет и колективната меморија на овој крај. На овој традиционален настан
присуствуваше и градоначалникот на општина Гевгелија, Андон Сарамандов, заедно
со членови на Советот на Општина Гевгелија и други функционери.
Миравци беше
домаќин на: КУД „Живојин Жико Мандиќ“ – Кнежеви Виногради, Република Хрватска;
КУД „Браќа Минкови“ – Струмица; Женската пејачка група „Ѓердан“ – Штип, како и
гости од Општина Пајонија (Крива), Република Грција.
По повод
одржувањето на манифестацијата, градоначалникот Сарамандов истакна:
– Приказната
за убавата Мара, пренесувана низ генерациите, прерасна во вековна традиција што
ги обединува мештаните и го чува нашето културно наследство. Честитки до
организаторите од КУД „Танец“- Миравци, како и до сите гости и учесници за
одличната организација и прекрасна атмосфера. Наша заедничка обврска е негување
на македонската традиција.
„Ѓура Мара“ уште еднаш покажа дека традицијата е жива и динамична вредност што ги обединува жителите на Миравци и пошироко. Нејзиното континуирано одржување во колективниот календар е поддржано од Општина Гевгелија преку Програмата за финансирање програми и проекти од областа на културата за 2026 година, заедно со останатите активности на КУД „Танец“- Миравци.