Од утре започнуваат карневалските случувања во Струмица, се прават последните подготовки
Од утре 18 до среда, 25 февруари ќе се одржаат програмските активности на Струмичкиот карневал 2026, изложби, маскенбал, концерти, традиции и обичаи. Се прават последните подготовки за традиционалната манифестација со која се гордеат струмичани.
Карневалските
свечености ќе започнат со свеченото предавање на клучот од градот, кога
градоначалникот на општина Струмица, Петар Јанков, симболично ќе ја предаде
власта на карневалистите, означувајќи го почетокот на најголемата карневалска
манифестација во земјава.
Свеченото
отворање е закажано за 18:00 часот пред Општинската зграда кон плоштадот „Гоце
Делчев“, по што во Градската уметничка галерија ќе биде отворена изложба на
карневалски маски од Цветко Багашевски.
Главната карневалска вечер, Интернационалната карневалска поворка, ќе се одржи во сабота на 21 февруари, со почеток во 18 часот. Kарневалски групи од земјата и странство ќе продефилираат низ улиците на Струмица, низ булеварот „Маршал Тито“, покрај Општинскиот суд, продолжуваат покрај Општинската зграда, низ корзото до плоштадот „Гоце Делчев“, каде ќе се претстават со свои точки карневалските групи од Струмица, Македонија и од странство.
На 22 февруари, недела на Прочка, во спортската сала „Парк“ ќе се одржи традиционалниот Детски карневал, по што децата маскирани во најразлични костими ќе продефилираат до плоштадот „Гоце Делчев“.
Во понеделник традиционално варење на бел грав на
плоштадот Гоце Делчев во Струмица, прогласување на победничките маски и изложба
на карикатури и афоризми на тема карневал и доделување на награди.
Во вторник ќе се одржи карневалско корзо и во среда со одбележување на тримерските обичаи со посна трпеза, завршуваат карневалските денови во Струмица.