Connect with us

Македонија

Божикно послание: ПО МИЛОСТА БОЖЈА, АРХИЕПИСКОП ОХРИДСКИ И МАКЕДОНСКИ † СТЕФАН, ЗАЕДНО СО СВЕТИОТ АРХИЈЕРЕЈСКИ СИНОД, ПО ПОВОД БОЖИКНИТЕ ПРАЗНУВАЊА, ИСПРАЌА МИР И БЛАГОСЛОВ ОД БОГА

Media Press

Објавено на

Божикно послание: ПО МИЛОСТА БОЖЈА, АРХИЕПИСКОП ОХРИДСКИ И МАКЕДОНСКИ † СТЕФАН, ЗАЕДНО СО СВЕТИОТ АРХИЈЕРЕЈСКИ СИНОД, ПО ПОВОД БОЖИКНИТЕ ПРАЗНУВАЊА, ИСПРАЌА МИР И БЛАГОСЛОВ ОД БОГА ДО СВЕШТЕНОСЛУЖИТЕЛИТЕ, ДО МОНАШТВОТО И ДО СИТЕ ЧЕДА НА МАКЕДОНСКАТА ПРАВОСЛАВНА ЦРКВА

Возљубени празникољупци,
Еве, повторно стоиме пред тајната на Божик – пред тајната на Божјото доаѓање на земјата. Кога човештвото и сиот свет беа обвиени во гревовна темнина, Бог не остана далечен, туку слезе меѓу нас и, бивајќи Светлина, ја порази и ја истера темнината, и не со сила – туку со љубов.

Со овој спасоносен настан се исполни времето и се откри Божјата волја: Бог толку го возљуби светот, што Го даде Својот Единороден Син, та секој што верува во Него да не загине, туку да има вечен живот[2]. Затоа Божик не е само спомен на минатото, туку е откровение на вечната Божја намера: човекот да живее во заедница со Него.

Оваа радост, најнапред, ја возвестија ангелите, објавувајќи ги славата на небото, мирот на земјата и добрата волја којашто повторно се раѓа меѓу луѓето[3]. А потоа, преку витлеемските пастири и мудреците од Исток, целиот човечки род Му се поклони на Богомладенецот, дарувајќи Го и принесувајќи Му благодарност.

Па целиот човечки род во длабочината на своето срце го носи копнежот по Божјото присуство, копнежот за близина со живиот Бог. И токму на овој ден, сето тоа го добиваме како дар: Бог, Творецот на вселената, Оној Кој, според зборовите на свети Климент Охридски, секогаш почива на херувимски плеќи, стана еден од нас. Примајќи човечко тело, Тој го сокри Своето Божество[4], за да го приближи до Себе, да го обожи и да го спаси човекот.

Така, небесното слезе на земјата и вечноста влезе во времето. Господ постана Богочовек, и со тоа го освети човекот, отворајќи ни го патот кон животот којшто не минува, зашто сè што доаѓа од Бога носи спасение и вечност. Затоа топлината на Неговото благодатно присуство е опит којшто ја придружува Црквата во секое време, а особено во деновите на овој светол празник.

И, еве, подготвени преку молитва, пост и богомислие, пристигнавме до мигот на празничното торжество и сега се радуваме на присуството на Младенецот меѓу нас. А таа близина на Бога нè собира сите заедно, нè прави заедница којашто молитвено го слави доаѓањето на Господ Исус Христос во тело, Неговото доаѓање во нашиот свет, во нашиот дом и во нашиот живот. Кога Тој ги загрева нашите срца, таа топлина се прелева меѓу нас и ни открива дека и во овој несовршен свет животот може да стане предвкус на Царството, таму каде што владеат мирот и добрата волја.

Возљубени чеда во Господа,
„Секоја душа е христијанска“[5], како што вели еден од ранохристијанските апологети, секој човек трага по Бога и секому му е благопријатно Неговото присуство. И кога ќе дојде до таа средба, човек не може да остане истиот. Нешто го поттикнува да биде доблесен и да твори вистина[6]. Светлината Божја ја истерува сенката на мракот, та човекот престанува да го сака злото и се стреми само кон доброто[7]. Ние сме за тоа и повикани: да Го примиме Христа во нашите души, да ги оставиме лошите навики, постанувајќи преобразени луѓе, достојни за името Христово со кое се именуваме.

Возљубени чеда на Христа Богомладенецот,
Овој голем празник којшто го чествуваме, на преминот од старата во новата година, како да е природно така поставен во времето за да нè поттикне, од една страна, да се осврнеме наназад и да созерцаваме за изминатата година, да согледаме што е тоа што сме го направиле добро, доколку го има, а од друга страна, да се устремиме кон иднината и да видиме во што треба да се поправиме и што сакаме да направиме уште подобро. Она што го извлекуваме како поука и што си го задаваме себеси како задача е тоа да ги поправиме нашите пропусти, да ги победиме нашите слабости. Потребно е да сфатиме дека секоја наша постапка носи последици. И мали пропусти можат да доведат до големи несреќи, како што и малите добрини и правилните постапки доведуваат до бројни големи и добри дела. Тоа е така, зашто Господ помага во секое добротворење и кога ги гледа нашите добрина и труд – ги пополнува нашите недостатоци, а доброто дело го доведува до крај.

Тоа е потребно да го знаеме и тоа нека биде нашата решителна определба во претстојното лето Господово: да постапуваме правилно, совесно и добродушно на местото каде што Господ нè поставил. Да не се обесхрабруваме од тоа што спротивните сили навидум нè надвладуваат, туку да имаме бодрост да истраеме, дури и доколку ни се чини дека она што го правиме е мало и безначајно. Впрочем, самиот Господ Исус Христос во Евангелието нè поучува дека: Верниот во малку и во многу е верен, а неправедниот во малку и во многу е неправеден[8].

Возљубени чеда на Мајката Македонска Црква,
Живееме во свет во којшто има неправди и беззаконие, каде што не само што не се почитуваат Христовите заповеди, туку и владеат норми најдиректно спротивни на нив. Но да не дозволиме тоа да ни стане прифатливо и вообичаено. Да не се сообразуваме со овој свет[9], туку нашиот живот во светот да го сообразиме со Христовите заповеди.

Близината Божја нека нѐ поткрепува и нека ни дава надеж дека Господ е со нас во сите денови од нашиот живот. Господ ги услишува нашите молитви кога ги исполнуваме Неговите заповеди, и Тој не престанува да ни дава можности за да нè воведе во Своето Царство небесно[10].

Со такви мисли и молитвени благопожелби, на сите чеда на Мајката Македонска Православна Црква – во Татковината и насекаде до каде што нѐ има по светот, ви ги честитаме божикните и новогодишните празници, поздравувајќи ве со серадосниот поздрав:

Христос се роди!

Честито и од Бога благословено новото лето Господово!

прикажи повеќе

Македонија

Поевтинуваат горивата

Media Press

Published

на

Новата цена на ЕУРОСУПЕР БС-95 изнесува 84 денари, а на ЕУРОСУПЕР БС-98 — 86 денари за литар.

ЕУРОДИЗЕЛ ќе се продава по цена од 92 денари за литар.

Eкстра лесното масло за домаќинство поевтинува за три денари и ќе чини 100,50 денари,

Цената на мазутот М-1 НС се намалува за 0,998 денари по килограм и изнесува 48,314 денари.

Прочитај повеќе

Македонија

ФАТЕН СО АКТИВНА ЗАБРАНА: Управувал со возило спротивно на законската мерка – забрана за управување на возило!

Media Press

Published

на

На 12.11.2026 во 15:50 часот во Гевгелија, полициски службеници од СВР Струмица-ОВР Гевгелија го лишија од слобода З.Ј.(55) од Скопје. При контрола во патниот сообраќај, полициските службеници сопреле патничко возило „бмв“ со скопски регистарски ознаки, кое го управувал З.Ј. и по преземени мерки било констатирано дека го управува возилото, иако има изречено активна забрана за управување со возило. По целосно документирање на случајот ќе биде поднесена соодветна пријава.

Прочитај повеќе

Македонија

Јордан Митев со грандиозен концерт во Скопје на 26-ти декември 2026 – Гласот што ги обединува Македонците ширум светот

Media Press

Published

на

Кога срцето чука во ритамот на македонската зурла и тапан, кога песната ја преминува секоја граница и ги обединува Македонците каде и да се – на сцената застанува името кое е симбол за автентичност, врвен квалитет и вистинско музичко достоинство – Јордан Митев.

Јордан Митев одамна ги прошири меридијаните и ја надмина дефиницијата за домашна ѕвезда. Тој е вистински меѓународен уметник и амбасадор на македонската култура, чии концерти пред македонската дијаспора се повеќе од настапи – тие се емотивно враќање дома, во прегратките на мајката татковина. Автор на сопствените песни, талентиран инструменталист, високообразован музичар и човек чиешто достоинство стои цврсто зад секој отпеан стих. Тој создава музика која останува да сведочи за времето и за душата на нашиот народ.

Голема енергија, врвна емоција и незаборавна музичка вечер ни се подготвуваат на долгоочекуваниот концерт кој ќе ги разнесе срцата на сите љубители на вистинската македонска песна.

📅 Дата: 26.12.2026 година

📍 Место: СЦ „Јане Сандански“, Скопје

Генерален спонзор на овој грандиозен македонски фолк спектакл е Адора Бизнис Клуб.

Подгответе се за вечер во која песната ќе го стопи секое срце, а македонскиот мелос ќе ечи посилно од кога било досега. Да бидеме дел од една ноќ која ќе се памети и раскажува! Бидете дел од музичката магија на Јордан Митев!

Прочитај повеќе