Прпукувања помеѓу СДСМ и ВМРО ДПМНЕ кој е заслужена за позитивната пресуда на Арбитражниот суд за Казандол против Македонија.
„Концесијата дадена од ВМРО-ДПМНЕ, симбол на криминал и коруптивни зделки, падна на арбитража. Државата ја доби битката, нема да плати штета од 115 милиони евра“, реагира пратеникот на СДСМ, Фатмир Битиќи и поранешен вицепремиер.
„Да се потсетиме: Случајот односно судските рочишта се затворени во 2023 година. Арбитражниот суд носи конечна пресуда во рок од две (2) години по завршните зборови. Тимот што ги застапуваше правата на нашата држава во целиот тој процес се водеше со јасни определби и насоки од страна на мојот кабинет во претходната Влада.“ наведува Битиќи.
И затоа, искрена благодарност до White & Case, нашите главни застапници во арбитражата, државните службеници и експерти кои вложија знаење и енергија, како и до локалните адвокатски друштва за нивната посветеност и професионалност, вели пратеникот на СДСМ.
„Благодарност до сите што ги застапуваa интересите на државата. Вака се почитува татковината, со искрен настап и без калкулации – а за оние кои имаа други интереси, иднината ќе покаже“ стои во објавата на Битиќи.
Денеска реагираа од ВМРО -ДПМНЕ:
„На денешната прес конференција сакам да ја информирам јавноста за повеќе детали за арбитражните постапки кои се покренати, нивната фаза во која се наоѓаат и што успеавме досега како Влада да направиме за овие прашања“, истакна владиниот портпарол Марија Митева.
„По вчерашната информација дека Македонија го доби случајот познат како Казандол и заштеди 115 милиони евра, пари на граѓаните, цениме дека јавноста има потреба да ги знае работите кои согласно класификацијата на доверливост можат да се споделат во јавноста.
Оваа победа не е само правен успех, туку јасна порака дека државата може да ги брани своите интереси кога настапува организирано, со посветеност и со сериозна работа.
Во изминатиот период, координативното тело за арбитражни постапки вложи максимални напори – од внимателна анализа на документите и договорите, до темелна подготовка со правни аргументи – со што обезбедивме силна и одржлива позиција во постапката.
Кога сме кај оваа постапка и лажните обвинувања од СДСМ дека оваа арбитражна постапка била добиена и завршена уште во 2023 година кога тие беа дел од Владата, тогаш еве нека одговорат прво зошто во 2023 во првата половина од месец април во Виена се водени преговори за можна спогодба за Казандол помеѓу претставници од владата и претставници од страна на тужителите и второ, зошто тогаш оваа влада носи одлука и зазема став да ја одбие предложената спогодба?
Генералната состојба е следна:
Со доаѓањето на новата Влада во јуни 2024, владата наследи 8 активни меѓународни арбитражни постапки, што претставува рекорден број на активни арбитражни постапки во даден момент, од кои 3 постапки беа инвестициски спорови и 5 трговски спорови, како и најава со опомени пред тужби за најмалку уште 4 постапки.
Во сите активни арбитражни постапки потенцијалната штета по буџетот на државата беше во износи од 865 милиони евра, плус трошоци во постапките.
Овој податок говори за неодговорниот однос на претходната влада, која со своите постапки ги довеле во ризик буџетот на државата и меѓународниот углед на државата, што резултирало со 8 активни и 4 потенцијални меѓународни спорови. Па сосема легитимно е да го поставиме прашањето зошто токму во периодот на претходната влада биле отворени толку многу меѓународни спорови, дали всушност се создавал терен за вонсудско решавање на споровите и начин за испумпување на пари од буџетот на граѓаните
Со одговорниот однoс и ефикасна одбрана оваа Влада има успешно завршено вкупно 3 арбитражни постапки во полза на Македонија и е направена заштеда на буџетот во износ од околу 565 милиони евра, и дополнително за овие 14 месеци нема нови отворени постапки, и тоа:
– арбитражна постапка позната како Казандол против Македонија со вредност од околу 115 милиони евра.
– арбитражна постапка позната како САСА против Македонија, со вредност од 445 милиони евра
– арбитражна постапка ГАМА против Македонија, со вредност од над 5 милиони евра
Овој исход е потврда дека со транспарентност, одговорност и заедничка работа можат да се постигнат резултати кои во минатото беа претставувани како невозможни. Секој позитивен резултат ја зајакнува довербата во институциите и ја штити државата од непотребни финансиски и репутациски штети.
Координативното тело на Владата за водење на арбитражни постапки ќе продолжи да работи професионално, отчетно и транспарентно. Ќе ги информираме граѓаните за секој следен чекор, ќе инсистираме на силна правна аргументација и ќе покажеме дека институциите можат да ја бранат Македонија“, истакна Митева на Прес конференција.