Мицкоски: Не смеат функционерите да заборават дека, макадамот по селата и улиците е повистински, поавтентичен и помек од килимот по скапите хотели и канцелариите
Денеска,
кога ја одбележуваме јубилејната 35 година од основањето на нашата партија
ВМРО-ДПМНЕ, на денот кога го славиме не само бројот на годините,
туку и патот што го минавме како народ и како политичка сила, се чувствувам
повикан и обврзан да зборувам за она што сме, што бевме и што ќе бидеме. Овој
ден не е само празник, туку повик на одговорност, повик на надеж и повик на
заедништво, рече претседателот на ВМРО ДПМНЕ Христијан Мицкоски на
одбележувањето на 35-годишнината од основањето на партијата, во Битола.
„Ние
не сме тука да ветуваме лесни приказни или брзи решенија. Не!…Ние сме тука
да направиме она што е правилно, да ги исправиме грешките и да ги санираме
штетите од минатото. Се знае, нема назад!
Со неизмерна
чест и одговорност стојам пред вас на овој ден кога одбележуваме 35 години од
основањето на нашата партија — нашата голема, наша вечна идеја.
Ние сме партија која стои на темели на храброст, достоинство, родољубие и чесност. Партија во чии штабови, на чии настани сеуште се живи приказните и се раскажува за жртвата на Христо Узунов, се поклонува пред делото на Гоце Делчев, сеуште се паметат херојските дела на Александро Турунчев, Горче Петров, Карев. На овие темели градиме иднина. И затоа денеска, во ова време на надеж, ви велам – ВМРО-ДПМНЕ е светилникот што ја осветлува темнината која долго време ја покриваше нашата земја“, додаде Мицкоски пред многубројните членови и симпатизери на ВМРО -ДПМНЕ.
„Нашата држава беше предмет на долготрајно уназадување и разрушување. Седум години владеење на ДУИ и СДСМ кои оставија, навистина, длабоки рани. Рани кои се гледаа во секоја институција, во секој агол од нашата Македонија. Корупција што ги рушеше темелите на правдата. Предавства што ги поткопаа државните интереси. Руинирање на институциите, со што нашите граѓани останаа разочарани и без надеж, но, со силна решеност, народот повторно да ја зема власта во свои раце. ВМРО-ДПМНЕ застана како вистински чувар на промените кои се неопходни. Целата наша енергија и секој наш чекор се насочени кон обновување и стабилизација на државата. Затоа, да не заборавиме – нашата фотелја не е крајна цел, туку должност. Должност кон народот, кон Македонија.
И немојте
никогаш да забравите од каде потекнуваме, од каде доаѓаме и конечно, каде ќе се
вратиме по сето ова. Најскапата работа што еден човек може да ја остави на
своите потомци, не се парите, не е имотот, туку честа и чистиот
образ. Како што мудро знаат нашите да кажат, не смеат функционерите
да заборават дека: макадамот по селата и
улиците е повистински, и поавтентичен и помек од килимот по
скапите хотелите и канцелариите. И тоа е така поради реалноста која ја има во
себе и чекорот на своите сограѓани кои чекорат по него, а фотелјата е
секогаш понеудобна од гајбата пред кооперација, поради тоа што таму извира
твојата моќ и твојата цел. Токму затоа, сите функционери во нашата партија
мора да бидат свесни дека ова што го работиме не е лична игра, туку
служба. Клупата во вашите маала е таму кај што мора да знаете дека еден
ден пак ќе се вратите и ќе мора луѓето таму да ги погледате во очи и со гордо
крената глава да им одговорите, јас го направив тоа за вас, јас се борев за
вас, и да не се срамите и да се криете од нивните прекорни погледи.
Несовесното
седење во фотелјата носи срам и разочарување. Достојното и пријателско седење
на столчето или гајбата пред кооперацијата, на клупата во маалото, носи
пријатели, поддржувачи и вистинска сила за идејата. Таму лежи основата на
вистинската политичка иднина на честа и на нашиот образ.
Во овие мигови на промени, апелирам до сите наши функционери и членови: не заборавајте кој сте, од каде дојдовте, и кому му служите. Никој не смее да дозволи бахатост, агонија од моќ и корист да го заматат погледот. Да демонстрираме волја и докажеме пред народот дека ВМРО-ДПМНЕ е вистинскиот избор, дека не сме исти како оние кои владееја со земјата во минатото“. Рече меѓу другото Мицкоски.