Матуранти 2024/25: Генерација што слави…и заминува. Со над 6.000 матуранти кои само лани заминале за Словенија, бројките се алармантни
Со над 6.000 матуранти кои само лани заминале за Словенија, бројките се алармантни. Системот губи студенти пред да ги задржи. Наместо да ја градат иднината тука, младите ја бараат таму каде што има вредност, перспектива и сигурност. Дали матурата стана билет за едносмерно заминување?
И додека дел од институциите се обидуваат да понудат рамка за достоинствено славење, поважното прашање останува: што ги чека овие млади утре? Каква е нивната подготвеност за живот, за факултет, за вредности?
Професорот по филозофија во гимназијата „Георги Димитров“, Ристо Чулев, предупредува дека системот го промашил вистинскиот фокус:
„На прашањето дали матурантите се спремни за следните животни предизвици, одговарам дека поголемиот број од нив не се спремни. Причината за тоа се лажните вредности во општеството. Одговорни се сите што ги поддржуваат лажните вредности и сите што можат да придонесат учениците да се воспитуваат и образуваат според вистински вредности, а не прават ништо… Не е можно да се поставуваат реални цели а да се постигнуваат со нереални методи. Не е можно да се постигне квалитет без квалитетна работа. Марко Цепенков рекол: ‘Дур не вложиш 9, не можеш да земеш 10’. Потребни се сериозни вредности, сериозни цели, сериозна работа, почит за наставниците, почит за учениците, родителите и општеството, за да може да направиме генерации кои ќе ги надминуваат животните предизвици квалитетно.“
Но додека наставниците повикуваат на вистински вредности, бројките продолжуваат да зборуваат гласно. Од минатогодишните 15.481 матуранти, околу 6.000 заминале во Словенија, според податоците на Кристијан Поповски – претставник на македонските студенти таму. Во последните шест години, над 21.000 млади од Македонија заминале да студираат таму – бројка која е речиси еднаква со бројот на дипломирани студенти на УКИМ во истиот период.
Оваа генерација матуранти нѐ предупредува. Тивко, но остро. Нивната тишина е гласна колку еден протест. Нивната збунетост е резултат на нашата неодговорност. Секој од нив е приказна за нечуено растење, за борба без поддршка, за преголема зрелост што никогаш не беше барана, но мораше да се стекне.
Матурата не е само крај – таа е огледало. Огледало во кое треба сите да се погледнеме: образованието, институциите, политичарите, родителите, новинарите, граѓаните. Она што ќе го видиме – ќе зависи од тоа колку ќе бидеме искрени. Зашто, ако не почнеме да ги слушаме овие млади сега, ќе ги изгубиме. Не само телесно, преку иселување. Туку и ментално, преку откажување, апатија и презир кон сѐ што им го должиме, а никогаш не им го дадовме.
Матурата е празник – но нека биде и аларм. Ако оваа генерација излезе, но не се врати – ќе изгубиме многу повеќе од ученици. Ќе изгубиме иднина.