Започна постапката за избор на нови членови во Организациониот одбор на Струмичкиот карневал
Денеска во Младинскиот центар во Општина Струмица се одржа првата јавна дебата со што и започна постапката за избор на нови членови во Организациониот одбор на Струмичкиот карневал.
По јавно упатената покана присуствуваа граѓани, претставници на карневалски групи, училишта и институции кои заедно со градоначалникот Костадин Костадинов разговараа за формата, критериумите и поставеноста на новиот Карневалски одбор.
„Се дадоа многу креативни решенија и она што е заеднички одлучено, а не е потврдено затоа што треба да имаме уште една јавна дебата, е да имаме еден Карневалски одбор за кој бројката од сегашните 9 би ја зголемиле на не повеќе од 20 членови. Во самиот Карневалски одбор ќе има административно тело, креативно тело и тело за логистика, и досегашните институции како општина Струмица, СВР Струмица, а како предлог произлезе и претставници од Музејот и од Центарот за култура, по дифолт да имаат членови на новиот Карневалски одбор што за мнозинството од денешната средба беше прифатливо. На следната јавна дебата ќе ги дефинираме јасно критериумите и рокот за комплетирање на новиот Карневалски одбор е средината на месец јуни за да може и Советот на општина Струмица да донесе соодветна одлука на седница којашто ќе биде согласно неговите можности и неговиот календар“, изјави градоначалникот Костадинов.