Општина Радовиш и Рудникот Бучим и годинава активно се вклучени во проектот Генералка Викенд кој се спроведува по 4-ти пат
Општина Радовиш и Рудникот Бучим и годинава активно се вклучени во проектот Генералка Викенд кој се спроведува по 4-ти пат, а се однесува на масовна акција за чистење на дивите депонии, речните корита парковите и останатите јавни површини. Околу 30-тина вработени од Рудникот Бучим заедно со корисниците од Дневниот центар Порака од Радовиш, чистеа по течението на Радовишка река и околу Спортската сала 25 – ти Мај.
-Да се надеваме дека нема да собереме многу отпад, односно дека немаме многу загадена средина, рече Кристина Крстева, заменик управител за одржлив развој на Бучим и Боров Дол, кои секоја година даваат масовна поддршка на акцијата.
Општина Радовиш дава голема поддршка на оваа акција но и аплира за поголема одговорност на граѓаните за почиста животна средина.
-Никој не може толку да исчисти колку несовесните граѓани можат да загадат. Затоа апелирам до граѓаните де го фрлаат отпадот во контењери и на депонии, односно на места предвидени за тоа, а не на јавни површини, покрај речни корите, паркови, патишта и други локации. Бидејќи каква животна средина ќе создадеме, во таква ќе живееме, рече секретарот во Општина Радовиш Љупче Почивалец,
Во акцијата активно беа вклучени и вработените во ЈП Плаваја со механизација, вработените во општината, учениците и вработените во основните и средното училиште, здруженија на граѓани, пензионери и граѓани на Општина Радовиш. Целта на оваа акција е да се исчисти околината околу населените места во секоја општина. Затоа во акцијата масовно се вклучени речиси сите општини во државата.